Протест пред Уставниот суд во Белград, демонстрантите побараа поништување на изборите

Протести пред Уставниот суд во Србија, 16 јануари 2024 година.

Пред зградата на Уставниот суд на Србија во Белград се одржа протест поради наводите за нерегуларности и кражба на гласови на изборите одржани на 17 декември.

Протестот го организираше најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“, која претходно поднесе барање до Уставниот суд за поништување на парламентарните избори.

Тоа е последната правна инстанца во Србија откако Републичката изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите на 12 јануари, а сите приговори на опозициската коалиција беа отфрлени.

„Србија против насилството“ на 18 јануари поднесе барање за поништување на изборите во Белград.

„До Уставниот суд веќе се поднесени речиси дваесет поднесоци, меѓу кои и барања за поништување на изборите. Уставниот суд не се изјасни за ниту еден од овие поднесоци“, рече Јелена Јериниќ, професор по уставно право и заменик на Зелено-левичарскиот фронт, за време на протестот.

Уставниот суд по правило нема рокови за донесување одлуки.

Јелена Јериниќ изјави дека нема очекувања од Уставниот суд, но коалицијата „Србија против насилството“ инсистира на правна битка и со тоа покажува во каква земја сака да живее.

Таа оцени и дека изборите одржани во декември биле „погрешни и незаконски во целост, од објавување до утврдување на резултатите“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нов протест на опозицијата во Белград: „Ако се откажеме од оваа борба, никогаш нема да има избори“

Демонстрантите пешачеа и до зградата на Радио телевизија Србија (РТС), а тие бараат РТС, како јавен медиумски сервис кој го плаќаат сите граѓани, да известува за „докажана изборна кражба и нарушување на волјата на народот“.

„РТС има обврска да им објасни на сите граѓани на Србија зошто протестираме“, изјави Срѓан Миливојевиќ од Демократската партија, која е дел од коалицијата „Србија против насилството“.

Вечерта на 28 декември РТС објави дека во своите програми, но и на порталот редовно ги следи сите протести на опозицијата, а на тоа е посветена и една од дневните емисии.

Државното раководство и владејачката Српска напредна партија (СНС) ги негираат наводите за изборна кражба и најавуваат формирање на републиканска влада во март.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 јануари повтори дека декемвриските избори биле „најчисти и најфер“ и со „најмалку приговори и поплаки откако во Србија има повеќепартиски избори“.

Во Србија се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 општини и градови, меѓу кои и Белград.

На покана на „Србија против насилството“ од 18 декември се организираат протести поради наводи за изборна кражба.

Тие протести бараат распишување нови избори на сите нивоа.

Видете и ова: Повеќе од 20 европски политичари бараат од ЕУ истрага за изборите во Србија

Во Европскиот парламент се водеше дискусија за декемвриските избори, каде беше соопштено дека Европската комисија очекува Србија како кандидат за членство во Европската унија транспарентно да ги истражи сите поплаки за нерегуларности.

Покрај опозицијата, нерегуларности за декемвриските избори во Србија укажаа и домашни и меѓународни набљудувачи.

Невладината ЦРТА оцени дека организираната миграција на гласачите влијаела на исходот од резултатите во Белград.

Сомнеж за регуларноста на изборите изрази и Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), која на 18 декември објави дека изборите биле одбележани со сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, доминација на медиумите на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење на страв.