Главната расправа за случајот против претседателот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, одложена е за 5 февруари, потврди за Радио Слободна Европа адвокатот на Додик, Горан Бубиќ.
„Рочиштето кое беше планирано за 30 јануари е одложено поради обврски на бранителот во друг случај“, вели Бубиќ.
Досега трипати пред Судот на Босна и Херцеговина се одложуваше главната расправа во судскиот процес против Милорад Додик и Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службен весник на тој субјект.
Овој случај е разделен на 17 јануари, а во двата случаи станува збор за обвинение за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
На 11 септември минатата година, Обвинителството на Босна и Херцеговина ги обвини Додик и Лукиќ за кривично дело „неизвршување на одлуките на високиот претставник во БиХ“, за што законот предвидува казна од шест месеци до пет години во затвор, како и забрана за вршење на јавни функции.
Милорад Додик е обвинет дека, како претседател на Република Српска (РС), потпишал укази со кои се прогласуваат валидни два закони, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит, „иако тој знаел дека одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина ( ОХР) се обврзувачки“.
Видете и ова: Додик одби да се изјасни за виновен пред Судот во Босна и ХерцеговинаМилош Лукиќ пак е обвинет дека како вршител на должноста директор на Службен весник на РС го овозможил објавувањето на указите на Додик во оваа публикација.
Тие закони предвидуваа дека одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина нема да се извршуваат на територијата на овој ентитет, ниту пак одлуките на високиот претставник на Меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (ОХР) ќе бидат објавени во службениот весник на субјектот.
Овие закони беа изгласани во јуни 2023 година од Собранието на ентитетот на РС, во кој мнозинството го има Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик.
На 1 јули, високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, ги поништи двата донесени закони, додека законодавната процедура сè уште беше во тек.
Видете и ова: Република Српска со дефиле одбележува неуставен празник и покрај предупредувањата од ЕУ и од САДАмериканската администрација ги санкционираше Додик и неколку политички функционери во Република Српска за континуираниот напад врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина и за поткопувањето на Дејтонскиот мировен договор.
Заедно со Додик, на списокот на санкционирани личности се и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, како и и министерот за правда на ентитетот Република Српска, Милош Букејловиќ.