Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери за состав на техничката Влада која ќе функционира до изборот на новата влада, а која ќе се формира по парламентарните избори на пролет.
По добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.
„Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, рече Џафери.
Тој додаде дека се надева оти ќе креира соодветен состав на Владата со соодветни обврски, надлежности и одговорности кон граѓаните.
Видете и ова: Јован Митрески е нов претседател на македонското собраниеВо рамки на 139. седница, Собранието денеска ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а на седницата за претседател на Собранието беше избран и пратеникот Јован Митрески од СДСМ.
По добивањето на мандатот од Пендаровски, Џафери како иден премиер, се очекува утре до Собранието да ги достави предлозите за состав и програма на неговата влада.
Гласањето се очекува да биде во недела (28 јануари) на пленарна седница. Истиот ден, ќе се одржи и втора седница за избор на замениците и дополнителните заменици министри. Тогаш, ДИК ќе треба да констатира и кој е следниот пратеник што ќе го зазеде местото на Џафери во парламентот со оглед дека тој ќе стане премиер.