Досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески е нов претседател на македонското Собрание. За неговиот избор гласаа 65 пратеници, а 40 беа против.
„Ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието секако во согласност со Уставот, Деловникот, законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата. Верувам дека заеднички ќе продолжиме да ја јакнеме демократијата бидејќи за млади демократии како нашата тоа е важно да го правиме секој ден“, рече Митрески откако седна на претседателското столче.
Тој додаде и дека ќе биде отворен за соработка со сите пратенички групи додека „гледа и чувствува дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата“.
Една од неговите први активности ќе биде да го извести шефот на државата Стево Пендаровски дека Талат Џафери е новиот мандатар за формирање на владата.
Се очекува во попладневните часови денеска, претседателот да го повика Џафери за да му го додели мандатот со оглед дека тој ќе биде технички премиер на владата што треба да се формира в недела (28 јануари) на сто дена пред одржување на парламентарните избори закажани за 8 мај.
Видете и ова: Завршени и незавршени работи пред формирањето на техничката владаИзборот на Митрески за претседател на Собранието беше проследен со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.
Опозицијата, пак, аплаудираше кога претходно на истата собраниска седница се констатираа оставките на неговиот претходник Талат Џафери и на премиерот Димитар Ковачевски и Владата.
Претставници на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ ја искористија собраниската говорница на денешната седница за да упатат пофални зборови кон Џафери и Митрески, додека ВМРО-ДПМНЕ критикуваше за лошата работа и состојба во законодавниот дом.
Тие упатија и политички пораки во пресрет на претстојните избори.
„Уверен сум дека и Собранието предводено од Јован Митрески и идната влада предводена од Талат Џафери, водени од демократските принципи ќе ги продолжат и унапредат процесите кои беа почнати изминатиот период и уште повеќе ќе го зацврстат европскиот пат на нашата држава – пат за кој нема друга алтернатива. Цврсто сум убеден дека оваа одлучност да се обезбеди подобар стандард и побезбедна иднина на нашите граѓани, услови за напредок и развој на младите, да се обезбедат европски услови тука во нашата држава, граѓаните ќе ги препознаат и вреднуваат на следните претседателски и парламентарни избори“, рече пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?Арбер Адеми од ДУИ во говорот рече дека очекува да се зголемува бројот на пратеници и политичари кои ќе работат и ќе ги поддржуваат политиките кои ја придвижуваат државата кон ЕУ.
„Наша е обврската во наредниот период да создадеме услови за фер и демократски изборен процес, но исто така имаме обврска да го продолжиме европскиот пат што го трасиравме изминатите години, пат за кој немаме алтернатива и не смееме да отстапиме“, рече Адеми.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, оцени дека „денес е голем ден во кој оваа власт продолжува пополека но сигурно дел по дел, функционер по фунцкионер да се руши како кула од карти“.
„Процес кој започна вчера со Ковачевски продолжува денес, а ќе заврши на денот на изборите во мај. Денешната седница е продолжение на неславниот крај на оваа власт која изминатите седум години ја уништи државата, ги урниса и приватизираше институциите, ги осиромаши граѓаните, ја клекна македонската економија на колена односно накратко кажано создаде девастиран и нефункционален државен систем кој секојдневно гледаме дека пука по сите рабови“, рече Мицевски.
Работата на законодавниот дом во овој мандат на Талат Џафери и ова владејачко мнозинство тој ја оцени како „непресушен извор на самоволие и парламентарно насилство“. Тоа, според него, било дом на меѓунартиски и меѓукоалициски пазари на штета на граѓаните, со најголем број преседани, злоупотреби на европското знаменце, немање демократски капацитет...
Процедурите кои започнаа вчера со оставките на премиерот Ковачевски и на веќе претходниот претседател на Собранието Талат Џафери се вовед во изборниот процес што ја очекува државата напролет. На 8 мај покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот ќе се одржи на 24 април.
Видете и ова: Маричиќ на местото Груби како прв вицепремиер во владата на ЏафериПо добивањето на мандатот од Пендаровски денеска попладне, Џафери како иден премиер, се очекува утре до Собранието да ги достави предлозите за состав и програма на неговата влада.
Гласањето се очекува да биде во недела (28 јануари) на пленарна седница. Истиот ден, ќе се одржи и втора седница за избор на замениците и дополнителните заменици министри. Тогаш, ДИК ќе треба да констатира и кој е следниот пратеник што ќе го зазеде местото на Џафери во парламентот со оглед дека тој ќе стане премиер.
Во техничката влада на Џафери, свои министри во две министерства и дополнителни заменици во три министерства, според Законот за влада, ќе има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата на 24 јануари одлучи за технички министер за внатрешни работи да го номинира адвокатот Панче Тошковски, а за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.
Тројцата дополнителни заменици од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе бидат Стефан Андоновски за местото во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова за во Финансии.
Онаму каде опозицијата ќе има технички министри, СДСМ ќе има дополнителни заменици, па така за во МВР социјалдемократите го предложија Митко Бојмацалиев, кој е шеф на кабинет на актуелниот министер Оливер Спасовски, актуелната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска е предлог за дополнителна заменичка во истиот ресор.