НАТО верува дека безбедносната ситуација на Западен Балкан се уште е многу кревка, изјави во петокот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, посочувајќи дека постои потенцијал за тензии во Косово и во Босна и Херцеговина.
Столтенберг во седиштето на НАТО се сретна со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Шефот на НАТО на заедничката прес-конференција ја повтори загриженоста поради зголемувањето на тензиите и насилството во текот на изминатата година на северот на Косово, што беше причина НАТО да го зголеми своето присуство за дополнителни 1000 војници.
Тој, исто така, потврди дека НАТО продолжува да ја оценува потребата од натамошно прилагодување на своето присуство во Босна и Херцеговина.
„Пораката е дека сите страни треба да се воздржат од запалива реторика и дека мора да се почитуваат територијалниот интегритет и меѓународно признатите граници на Босна и Херцеговина. Ние тесно соработувавме со Европската Унија и во Босна, а сега всушност работиме заедно на теренот. Но, го поддржуваме и нашето воено присуство и на Косово. Дијалог со посредство на ЕУ е единствениот начин да се најде трајно решение“, рече генералниот секретар на НАТО.
По нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција во близина на селото Бањска во северно Косово на 24 септември, НАТО го зголеми своето присуство на Косово со илјада дополнителни војници.
Претседателот на Република Српска Милорад Додик во неколку наврати се закани дека РС ќе прогласи независност во БиХ, што вклучува „нов финансиски систем, под контрола на властите на Република Српска“.
Видете и ова: О’Брајан - На Западен Балкан му треба економска интеграција, регионот мора да стабилен и безбеденЦрногорскиот премиер Спајиќ истакна дека е во национален интерес на Црна Гора, Западен Балкан да биде мирен и стабилен.
Тој ја изрази подготвеноста на Црна Гора да го зајакне своето присуство на Косово. Тој, исто така, ја потврди посветеноста на земјата за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
„Во наш длабок национален интерес е да се одржи мирот во Косово. Истото важи и за Босна и Херцеговина. Нашата непоколеблива посветеност на територијалниот интегритет на Босна е од најголемо значење за Црна Гора“, рече Спајиќ.
Шефот на Северноатлантскиот договор ја истакна клучната улога на Црна Гора во обезбедувањето стабилност на Западен Балкан. Тој ја поздрави силната посветеност на премиерот за реформите, како и патот на Црна Гора кон евроатлантските интеграции.
По состанокот беше потврдено дека Постојаниот совет на НАТО следната недела ќе ја посети Босна и Херцеговина.