Кривичниот суд определи притвор за петмина од уапсените во Грчец

Полициска акција во село Грчец (25 јануари)

Кривичниот суд им определи притвор во траење од 30 дена на пет лица кои вчера беа уапсени во полициската акција во село Грчец, а едно лице доби мерки за претпазливост, односно нему му е одземен пасошот.

„Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство за 6 лица, кои во текот на ноќта беа спроведени во судот, а поврзани со полициската акција во с. Грчец, донесоа решенија, со кои: прифатен е предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција и на Ш. Б., Ф. Б., Н. И., Ф. С. и С. А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за О. П. го прифати предлотог за определување мерки за претпазливост, односно одземање патна исправа и забрана за издавање нова, забрана за напуштање живеалиште, односно престојувалиште и oбврска за јавување во суд“, соопштија од Кривичниот суд во Скопје.

Видете и ова: Разбиена криминална група осомничена за убиства и шверц на кокаин од Јужна Америка

Воедно, судот го прифати предлогот и определи мерка притвор за 10 лица, кои се опфатени со истрагата, но во моментот не се достапни на органите за прогон и тоа од нивно пронаоѓање, односно лишување од слобода.

Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.

Во полициската акција која се одвиваше вчера (25 јануари) беа извршени претреси на 20 локации во Грчец и други места, а запленети биле голема количина пари, луксузни автомобили и други предмети. Од МВР соопштија дека била разбиена меѓународна организирана криминална група чии членови биле инволвирани во организираше набавка на кокаин од земји од Јужна Америка, а осомничени се и за убиства извршени на територијата на Северна Македонија.

Осомничените 16 припадници на групата се на возраст од 20 до 50 години. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) најавија кривична пријава против 16 лица. Од нив во земјава се приведени шестмина, едно лице од претходно веќе е приведено во Шпанија, а дел од осомничени веќе подолг период престојуваат надвор од државата.