Кинеските владини претставници побараа од нивните ирански колеги да ги спречат нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море или ќе бидат нарушени економските односи со Пекинг, изјавија ирански извори и дипломати запознаени со ситуацијата, пренесува Ројтерс.
Нападите на Хутите и трговијата меѓу Кина и Иран беа дискутирани на неколку неодамнешни состаноци во Пекинг и Техеран, рекоа ирански извори, одбивајќи да дадат детали за тоа кога се случиле или кој присуствувал.
„Кина тврди дека ако на било кој начин и наштетат на нејзините интереси, тоа првенствено ќе влијае на економските односи со Техеран, па затоа бараат од нас да извршиме притисок врз Хутите да покажат воздржаност“, изјави анонимен ирански функционер.
Нападите на Хутите како форма на поддршка за Палестинците во Газа ги зголемија транспортните трошоци и ја загрозија безбедноста, прекинувајќи ја клучната трговска рута меѓу Азија и Европа, која исто така во голема мера се користи од бродови од Кина.
Видете и ова: Испораките доцнат, цените растат заради нападите врз бродови во Црвеното мореТрговските односи меѓу Кина и Иран се прилично еднострани. Кинеските нафтени рафинерии купуваат над 90 отсто од иранската сурова нафта откако американските санкции врз Иран оддалечија многу купувачи од земјата, а кинеските компании профитираа од пониските цени.
Запрашано за коментар за состаноците со Иран на кои се разговараше за нападите на Црвеното Море, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Кина е искрен пријател на земјите од Блискиот Исток и е посветена на промовирање на регионалната безбедност и стабилност и барање заеднички развој и просперитет.
„Ние цврсто ги поддржуваме земјите од Блискиот Исток во зајакнувањето на нивната стратешка независност и обединување и соработка во решавањето на регионалните безбедносни прашања“, соопшти Министерството.
Иранското Министерство за надворешни работи сè уште не ја коментираше ситуацијата.