САД го предупредиле Иран дека ИСИС-К подготвува напад во Керман

Екипите на итната медицинска помош ги лекуваат ранетите по експлозиите во Керман, Иран, на 3 јануари 2023 година.

Американската влада го предупредила Иран дека огранокот на групата Исламска држава во Авганистан се подготвува да изврши терористички напад пред бомбашките напади во Керман на почетокот на овој месец, во кои загинаа 95 лица, изјави американски официјален претставник за Асошиејтед прес (АП) во четвртокот.

Официјалниот претставник, кој не беше овластен да коментира и инсистираше на анонимност за да разговара за разузнавачките информации, на 25 јануари рече дека САД ја следат својата долгогодишна политика на „должност да ги предупредат“ другите влади за потенцијални смртоносни закани, пренесува АП.

Официјалниот претставник не кажа како САД, кои немаат дипломатски односи со Иран, го пренеле предупредувањето за нивните разузнавачки информации за ИСИС-Корасан, познат како ИСИС-К, но истакна дека владините претставници „ги издаваат овие предупредувања делумно затоа што ние не сакам да гледаме невини изгубени животи во терористички напади“.

Видете и ова: Над 90 мртви во бомбашкиот напад во Иран

Иранските државни медиуми не потврдија дека САД ги доставиле информациите до Техеран, а мисијата на Иран во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар.

Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на 3 јануари во Керман, на околу 820 километри југоисточно од главниот град на Иран, Техеран.

Во двојните самоубиствени бомбашки напади загинаа најмалку 95 луѓе, а беа ранети уште десетици кои присуствуваа на комеморацијата за починатиот генерал Касем Сулејмани, шеф на силите Кудс на Револуционерната гарда, кој беше убиен во напад на американско беспилотно летало во Багдад во 2020 година.

Во меѓувреме, Иран се обиде да ги обвини САД и Израел за нападот во време на израелската војна против Хамас во Појасот Газа.

Тој изврши ракетни напади врз Ирак и Сирија. Потоа започна напади врз нуклеарно вооружениот Пакистан, кој одговори со свои напади врз Иран, дополнително зголемувајќи ги тензиите во регионот разгорен од војната меѓу Израел и Хамас.

Волстрит Џурнал (WSJ) прв објави дека САД испратиле предупредување до Иран.