Во текот на претходните децении, неколку земји беа на пат кон Европа, но без јасни изгледи за напредок, рече помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан за време на говорот во Германскиот маршалов фонд во Вашингтон. Тие земји се наоѓаат, како што вели, меѓу Русија и САД и се протегаат од Каспиското до Јадранското Море.
Тој додаде дека овој „сив простор“ им овозможува на политичарите, кои сакаат да работат вон правилата, да „цутат“.
„Ова е сериозен проблем за нашата безбедност, но и за луѓето од тие земји“, рече тој. Но, тој исто така додаде дека во тој контекст се случуваат неколку добри работи и дека првата е „одлуката на Европската унија да ги отвори пристапните преговори со девет земји“.
„Во Западен Балкан постои замор од ветувањата за пат кон Европската унија и тоа никогаш не се случува. И Брисел го препозна тоа“, вели О’Брајан.
Видете и ова: Балканските лидери во Скопје - Планот за раст како тест за зрелост и соработкаПоранешниот шеф на Канцеларијата за координација на санкции при Стејт департментот го пофали и Планот за раст на Западен Балкан како иновативен механизам што ќе им биде достапен на шесте земји од Западен Балкан.
„Ова се стероиди за економијата и тоа може да се случи многу брзо“, рече О’Брајан, додавајќи дека земјите го чекаат конечното одобрување на Планот.
Европската комисија го усвои Планот на ЕУ за Западен Балкан вреден шест милијарди евра. Планот има за цел економски раст на регионот во периодот 2024-2027 година.
Тој додаде дека на почетокот на неделата се сретнал со лидерите на шест земји од Западен Балкан во Скопје, каде што лидерите потпишале декларација со која се обврзуваат на развојот на нивните земји според европските стандарди.
„Клучната работа е што во замена за одредени реформи, секоја земја ќе може да има корист од учеството на делови од единствениот европски пазар“, додаде американскиот помошник државен секретар.
За да се изгради стабилност е потребно време, а постои баланс помеѓу непосредноста и трпението што е навистина важно, вели американскиот помошник државен секретар.
Сè уште не знаеме дали ќе има влада во Србија по овие избори“, рече О’Брајан.
Во Србија на 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград. Најголемата опозициска коалиција „Србија против насилство“ не ги признава нивните резултати и ја обвинува владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба. Заедно со опозицијата, на нерегуларностите на изборите во Србија одржани на 17 декември претходно укажуваа и домашни и меѓународни набљудувачи.
Видете и ова: О’Брајан: Србија и Косово да го разработат дијалоготВо своето обраќање О’Брајан рече дека следниот предизвик е „кој ќе може да им вети испорака на граѓаните на Србија“.
Но, тој рече и дека според моменталната ситуација во регионот, „Србија оди доста добро во однос на инвестициите и економските стандарди“.
Кога станува збор за Босна и Херцеговина, вели О’Брајан, „поединечни лидери имаат корист од нестабилноста“.
„Реформите ќе се спротивстават на таквата практика што Додик и другите ја заговараат“, додаде тој.
Лидерите признаваат дека треба да бидат подобри во справувањето со одредени прашања, вели О’Брајан, додавајќи дека ова е вистинска промена од пред четири или пет години.
Освен за Западен Балкан, О’Брајан зборуваше и за војната на Русија против Украина и американската поддршка за Киев.
„Украинците продолжуваат да избираат демократија, еднакви права и европска иднина. И тоа го прават секој ден на првите борбени линии борејќи се против руската агресија“, рече американскиот помошник државен секретар за време на говорот во Вашингтон.
Тој посочи дека верува оти Украина ќе биде посилна до крајот на 2024 година.
Тој додаде и дека има поддршка за Украина во американскиот Конгрес и оти единствено прашање е кога лидерите ќе гласаат за таа поддршка.
Исто така, рече дека санкциите наметнати на Русија од почетокот на инвазијата на Украина „функционираат“ и оти за две години руската економија ќе биде помала за шест проценти.
„Без санкции, според проценките, Русија сега би имала дополнителни 400 милијарди за трошење“, рече О’Брајан, додавајќи дека ќе ги зголеми санкциите.
Видете и ова: Агелер: Не знам за конкретно руско влијание во земјава, но уверена сум дека во регионот постои„Ќе ги зголемиме трошоците за рускиот извоз и ќе продолжиме да го намалуваме нивниот пристап до клучните компоненти за оружјето“, рече О’Брајан.
Руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари 2022 година, се приближува на својата втора годишнина, а борбите продолжуваат.
О’Брајан е на позицијата помошник државен секретар на САД од октомври 2023 година. Тој претходно беше координатор за санкции во Стејт департментот. Тој, исто така, работеше во две претходни администрации како специјален претседателски пратеник, а во минатото беше висок советник на државниот секретар Медлин Олбрајт и главен заменик-директор за планирање политика и претставник на претседателот за Балканот.
Неговото прво обраќање на домашно тло беше во Германскиот маршалов фонд, непартиска политичка организација посветена на идејата дека САД и Европа се посилни заедно.