Разбиена е меѓународна организирана криминална група чии членови биле инволвирани во организираше набавка на кокаин од земји од Јужна Америка, а осомничени се и за убиства извршени на територијата на Северна Македонија. Во прашање се убиства на три лица и еден обид за убиство.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе поднесат кривична пријава против 16 лица – од нив денеска (25 јануари) во земјава се приведени шестмина, едно лице од претходно веќе е приведено во Шпанија, а дел од осомничени веќе подолг период престојуваат надвор од државата.
За резултатите од оваа истрага вечерва (25 јануари) информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој потенцираше дека таа била спроведена под раководство на обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а со поддршка од Европол и заеднички истражен тим со Франција, Белгија и Холандија.
„Ова е една од најзначајните истраги. Со оваа истрага се финишира кон целосно разбирање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на територија на градот Скопје. Се обезбедија сите докази кои практично ги добивме благодарение на извонредната меѓународна соработка“, рече Спасовски.
Видете и ова: Брутални убиства и насилства - расте чувството на небезбедностЗа членовите на групата што се надвор од државата, министерот посочи дека ќе се распишат потерници и рече „знаеме каде се и имаме детална соработка со Европол“. Исто така, најави соработка со европската полиција и за докажување на други кривични дела што биле извршени од групата, но и за фаќање на други нејзини соработници.
Спасовски: Групата имала соработници во институциите – ќе се зачудите од имињата
Коментирајќи околу тоа дали евентуално групата имала соработници во институциите кои им давале информации за тоа што преземаат надлежните органи, Спасовски рече дека веќе има многу податоци и утврдени се лица од институциите на државата кои биле соработници на криминалните активности. Ова, нагласи министерот, е „почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот“.
На новинарите им порача дека некогаш ќе бидат „зачудени од имињата“ кои биле инволвирани.
„Има инволвирани во многу институции и во МВР и во други агенции и министерства, и во судови и во јавни обвинителства итн. Има многу инволвирани затоа реков дека ќе се зачудите наредниот период меѓутоа тоа еднаш мора да излезе и мора да се покаже кои се тие кои во одреден момент самите викаа ’држете го крадецот‘, а во суштината биле истите“, вели Спасовски.
Ова веројатно беше и последна прес-конференција на министерот на која тој зборуваше за активностите на МВР во овој негов мандат. Тој нема да биде дел од техничката влада што треба да се формира за три дена на 28 јануари, а МВР ќе биде раководено од кадар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа дали тоа може да ја загрози истрагата, Спасовски вели и „свети технички влади да има овој процес не може да го стопира никој жив“.
За кои убиства е осомничена групата?
Како организатор на групата министерот посочи лице со иницијали Ш.М. (46) од селото Грчец, кое заедно со уште две лица – О.Б. и Ј.К. кои сега се починати, во периодот од декември 2019 до март 2021 година ја формирале, а потоа во група се приклучиле повеќе лица.
Осомничените 16 припадници на групата се на возраст од 20 до 50 години.
„Групата била формирана за вршење на кривични дела убиство од безобѕирна омраза и по порачка од користољубие при што лицата организатори на истата донесувале одлуки, создавале планови за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Своите одлуки и планови ги спроведувале лично или преку припадници на организираната криминална група кои ги прифаќале и спроведувале“, рече Спасовски.
Министерот посочи дека според податоците и доказите кои се добиени во истрагата, групата е осомничена за убиство на албански државјанин чие тело било пронајдено на 15 мај 2020 година во селото Матка кај Скопје, како и за двојното убиство од 5 март 2021 година во Чаир во Скопје. За потсетување, тогаш изрешетани до смрт беа две лица А.Б. и Б.В., на возраст од 24 и 28 години, а на местото на настанот полицијата пронајде чаури од пиштол и автоматска пушка.
Исто така, организаторот на групата Ш.М. со други членови е осомничен и за обид за убиство на едно лице од селото Бардовци.
Шверц на кокаин од Бразил и Перу до ЕУ и од Белгија и Албанија до Северна Македонија
Кога станува збор за активностите на меѓународен план што ги имала групата, Спасовски наведе дека таа организирала набавки на кокаин од земји од Јужна Америка пред сè: Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија. Дрогата требало да се пренесува до земјите од ЕУ, а дел била наменета и за нарко-пазарот во Северна Македонија.
„Групата плановите и договорите за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата Скај, а која ја користеле членовите на организираната криминална група“, рече министерот.
Од доказите било утврдено дека во периодот од декември 2019 до март 2021 година групата стои зад транспорт на 435 килограми кокаин кој бил набавен од група во Бразил и по воден пат пренесен до пристаниште во Белгија. Но, белгиските цариници ја заплениле оваа количина дрога. Исто така, според прибраните податоци, групата организирала и шверц на 165 килограми кокаин од Перу до Ротердам, Холандија.
„Криминалната група организирала и неколку транспорти на кокаин од Белгија во Република Северна Македонија како и од Албанија во Република Северна Македонија. Во еден случај било организирано пренесување на шест килограми наркотична дрога од Белгија во земјава. Во двата случаи било организирано пренесување по четири килограми кокаин и во еден случај бил организиран транспорт на еден килограм кокаин од Албанија во Северна Македонија“, посочи Спасовски.
Благодарение на криминалните активности, тој посочи дека припадниците на групата се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување недвижности, изградба на луксузни угостителски објекти. Сите тие се дел и предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација.
Во рамки на денешната акција биле извршени претреси на 20 локации во Грчец и други места, а запленети се, како што рече министерот, голема количина пари, луксузни автомобили и други предмети.