Во техничката влада предводена од Талат Џафери од ДУИ прв вицепремиер ќе биде Бојан Маричиќ од СДСМ, кој е актуелен вицепремиер за европски прашања.
Маричиќ и понатаму ќе биде задолжен за европски прашања, но и прв вицепремиер со оглед дека премиерот ќе биде од редовите на интегративците. Тоа денеска, 25 јануари, го потврди и актуелниот вицепремиер Артан Груби.
„На предлог на Социјалдемократскиот сојуз мојот драг колега Маричиќ ќе биде прв заменик на премиерот Талат Џафери, што е и логично впрочем затоа што тоа е концептот – првиот заменик премиер да биде од коалицискиот партнер. Ако премиерот е од ДУИ првиот заменик да биде од СДСМ, ако премиерот е од СДСМ, првиот заменик да биде од ДУИ. Убеден сум дека ќе ја изврши работата“, изјави Груби.
Видете и ова: И Џафери поднесе оставка од претседател на Собранието
Груби во владата на Џафери ќе биде вицепремиер и ќе остане министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Актуелниот премиер Димитар Ковачевски, како и Талат Џафери, кој досега беше претседател на Собранието, денеска ги поднесоа нивните оставки. Утре, оставките ќе бидат констатирани од пратениците и за нов претседател на парламентот треба да се избере координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.
Исто така, утре се очекува претседателот Стево Пендаровски да му го додели мандатот на Џафери за формирање влада, а тој во сабота (27 јануари) да го поднесе предлог-составот на владата и владината програма.
Во недела, пак, најавено е дека ќе се избере новата техничка влада со оглед дека тогаш се навршуваат 100 дена до одржување на парламентарните избори закажани на 8 мај.
Во техничката влада на Џафери, свои министри во две министерства и дополнителни заменици во три министерства, според Законот за влада, ќе има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата синоќа одлучи за технички министер за внатрешни работи да го номинира адвокатот Панче Тошковски, а за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.
Тројцата дополнителни заменици од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе бидат Стефан Андоновски за местото во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова за во Финансии.
Онаму каде опозицијата ќе има технички министри, СДСМ, пак, ќе има дополнителни заменици, па така за во МВР социјалдемократите го предложија Митко Бојмацалиев, кој е шеф на кабинет на актуелниот министер Оливер Спасовски, актуелната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска е предлог за дополнителна заменичка во истиот ресор.
Останатите министри и заменици во владата на Џафери се очекува да останат истите како и во актуелната влада.
На 8 мај, покрај на парламентарни, граѓаните ќе гласаат и во втор круг претседателски избори. Првиот круг, пак, ќе се одржи на 24 април.