Билбордот во Звечан на северот на Косово, посветен, меѓу другите, на српскиот претседател Александар Вучиќ, тенисерот Новак Ѓоковиќ и рускиот претседател Владимир Путин, беше отстранет на 25 јануари во присуство на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља и министерот за локална самоуправа Ељберт Красниќи.
Билбордот се наоѓаше на магистралниот пат, а го постави привремената општинска управа Звечан, која работи во српскиот систем.
Покрај Вучиќ, Путин и Ѓоковиќ на него како почесни граѓани беа хирургот Зоран Кривокапиќ, дипломатот Југослав Костиќ, поранешниот директор на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија Марко Ѓуриќ и Милорад Арлов, претседател на Комитетот на Република Српска за помош на Србите во Косово.
Во видеопорака објавена на својот Фејсбук профил, министерот Свечља вели дека на Косово нема место за личности кои претставуваат „диктатура и агресија“.
Ваков билборд се наоѓаше и во близина на градот Бањска во општина Звечан, каде во септември минатата година вооружена група Срби ја нападна косовската полиција.
Видете и ова: САД бараат од Косово да ја преиспита одлуката за укинување на динаротТогаш беше убиен наредникот Африм Буњаку, а во размената на оган загинаа и тројца напаѓачи.
Косово за овој напад ја обвини Србија, а официјален Белград негираше каква било вмешаност.
Одговорноста за нападот тогаш ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа – најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.
Меѓународната заедница го осуди овој напад и побара да се спроведе истрага и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.
Познатиот хирург Кривокапиќ и дипломатот Костиќ се од Звечан, додека Новак Ѓоковиќ по потекло е од ова место на северот на Косово.
Повеќето од овие личности јавно го кажаа својот став против независноста на Косово, додека Ѓоковиќ во неколку свои јавни настапи изјави дека „Косово е срцето на Србија“.
Исто така, Новак Ѓоковиќ, светски познатиот тенисер, преку своите социјални мрежи им оддаде почит на убиените српски напаѓачи во Бањска во септември минатата година, кога беше убиен косовски полицаец.