По премиерот Димитар Ковачевски, денеска, 25 јануари, и претседателот на Собранието Талат Џафери, поднесе оставка од функцијата.
Џафери ќе остане во парламентот уште три дена како пратеник од ДУИ, а во недела (28 јануари) треба да биде избран за премиер на техничката влада што треба да се формира сто дена пред одржување на парламентарните избори закажани за 8 мај.
„Само што ја поднесов оставката од позицијата претседател на Собранието. Со чувство на гордост и исполнетост зашто во двата мандати бев претседател на сите пратеници и граѓани; работев одговорно, професионално, независно и отчетно пред Вас. Така и ќе продолжам во следниот предизвик“, порача Џафери.
Утре, на пленарна седница на Собранието предвидено е да се констатираат оставките и на Џафери и на Ковачевски, а актуелниот координатор на СДСМ, Јован Митрески, треба да биде избран за нов собраниски спикер. Со седницата утре, до изборот на Митрески, ќе претседава потпретседателот на Собранието, пратеникот Горан Мисовски.
Според најавените активности, во текот на утрешниот ден новиот претседател на законодавниот дом Митрески ќе го извести претседателот Стево Пендаровски дека Талат Џафери е нов мандатар за формирање влада, а потоа истиот ден шефот на државата ќе му го додели мандатот.
Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?Во сабота (27 јануари), како што најави на брифинг со новинарите, Џафери до Собранието ќе го поднесе предлогот за влада и владина програма, а следниот ден (28 јануари) на пленарна седница се очекува да се случи изборот на новата влада. На втора седница веднаш потоа треба да се изберат и замениците и дополнителните заменици-министри.
Со тоа што Џафери ќе стане технички премиер, ќе му заврши и мандатот како пратеник, а на неговото место нов пратеник ќе биде Муса Ибраими, кој е поранешен новинар. За неговиот мандат, во недела седница ќе треба да одржи и Државната изборна комисија.
Во техничката влада на Џафери, свои министри во две министерства и дополнителни заменици во три министерства, според Законот за влада, ќе има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата синоќа одлучи за технички министер за внатрешни работи да го номинира адвокатот Панче Тошковски, а за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.
Тројцата дополнителни заменици од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе бидат Стефан Андоновски за местото во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова за во Финансии.
Онаму каде опозицијата ќе има технички министри, СДСМ, пак, ќе има дополнителни заменици, па така за во МВР социјалдемократите го предложија Митко Бојмацалиев, кој е шеф на кабинет на актуелниот министер Оливер Спасовски, актуелната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска е предлог за дополнителна заменичка во истиот ресор.
На 8 мај, покрај на парламентарни, граѓаните ќе гласаат и во втор круг претседателски избори. Првиот круг, пак, ќе се одржи на 24 април.