Агелер: Не знам за конкретно руско влијание во земјава, но уверена сум дека во регионот постои

Анџела Агелер, амбасадор на САД во Северна Македонија

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер денеска изјави дека таа нема конкретни сознанија за евентуално руско влијание во претстојниот изборен процес, иако, како што рече, тоа генерално е присутно во регионот.

Агелер ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали има информации за евентуално руско влијание на престојните избори, на настанот на кој заедно со министерот за образование и наука Јетон Шаќири потпишаа меморандумот за спроведување на Фулбрајт програмата за академска размена.

Таа сепак напомена дека најважно за граѓаните за претстојните избори е добро да се едуцираат за процесот и за кандидатите, кои ќе учествуваат во него.

„Не сум свесна за некое експлицитно и специфично влијание, како што кажавте. Јас сум уверена дека тоа е тука, бидејќи генерално го има во регионот, но мислам дека она што е најважно како што се движиме во кон овој изборен период е граѓаните на оваа земја да поставуваат прашања за кандидатите и да ги земат предвид нивните приоритети, кога ќе гласаат. Тоа за мене е најважно и секако да се едуцираат себе си за процесот и за кандидатите, без разлика кој би можел да се меша, тоа е најважната алатка која ја имаат,“ истакна Агелер.

Видете и ова: Руската амбасада во Скопје - Балкански рекордер на социјалните мрежи

Пред три дена, првиот вицепремиер и министер за политички систем меѓу заедниците Артан Груби посочи дека во однос на стратешките одлуки и процеси кои се правеле и прават во Северна Македонија. Русија секогаш била против.

Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според Груби, имаат само едно име - Русија и нивната воена агресија врз Украина.