Ковачевски ја достави оставката до Собранието

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски претпладнево лично ја достави во Собранието неговата оставка, со што во оставка е целата Влада до изборот на техничката влада во недела на 28 јануари.

Во изјава за медиумите пред Собранието тој ги посочи според него најголемите достигнувања во мандатот на оваа Влада.

„Имавме неформална средба со министрите на која што им се заблагодарив за напорната работа во овие изминати две години. Денеска, како што кажав, ќе го направам тоа што е според закон предвидено. Мојата оставка е потпишана, сега ќе ја однесам во архивата. Ќе се видиме со претседателот на Собранието, ќе му посакам успешна процедура до недела, а потоа и успешен негов избор за технички премиер“, рече Ковачевски.

За техничкиот премиер Талат Џафери рече дека е искусен политичар кој има големо искуство во водењето на Парламентот и оцени дека стилот ќе биде различен, но дека државата ќе го задржи својот стратешки правец.

„Јас дојдов со друго искуство во водење на корпорации, така што, веројатно стилот ќе биде различен, меѓутоа државата секако дека ќе го задржи својот стратешки правец, а тоа е западната ориентација, стратешкото партнерство во САД и техничката влада исто ќе се грижи за граѓаните, бидејќи се уште сме во криза така како што ние тоа го правевме во изминатите две години“, рече Ковачевски и изрази убедување дека на 9 мај тој ќе ја предводи новата Влада.

Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?

„Ова е нешто што е предвидено според закон, на 9 мај повторно Владата ќе ја предводам јас и ова парламентарно мнозинство кое што ќе обезбеди полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ до 2030 година“, рече Ковачевски.

Кажа дека имал чест и гордост да биде претседател на Влада.

Според вчерашните најави на претседателот на Собранието, тој откако ќе ја прими оставката на Ковачевски, ќе го информира претседателот на државата Стево Пендаровски за тоа, а потоа во текот на денот и тој ќе поднесе оставка. Од неговиот Кабинет најавија дека со соопштение ќе информираат за следните чекори.

Оставката на Ковачевски е првиот формално-правен чекор кон формирање на техничка влада што треба да биде избрана на 28 јануари.