По падот на авионот, Зеленски ја обвинува Русија и бара меѓународна истрага

илустрација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека „игра со животите на украинските затвореници“ по смртоносната авионска несреќа во западна Русија. Таа бара меѓународна истрага по несреќата на 24 јануари во регионот Белгород во близина на украинската граница.

Русија соопшти дека нема преживеани откако украинските сили собориле авион Ил-76 во кој се наоѓале 65 украински воени заробеници, шестмина руски членови на екипажот и тројца чувари. Москва тврдеше дека Украинците биле во авионот за размена на затвореници.

Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не и било кажано да обезбеди безбеден воздушен простор, како што било во претходните прилики на трансфер на воени заробеници.

Во своето видео обраќање доцна на 24 јануари, претседателот Зеленски рече дека „очигледно е дека Русите си играат со животите на украинските затвореници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Неодговорени прашања за падот на рускиот авион

Зеленски, кој денеска го откажа планираното регионално патување поврзано со неговиот роденден, нагласи дека „мора да се утврдат сите факти“.

Вчерашните изјави на украинската воена разузнавачка служба се сметаат, според Би-Би-Си, за премолчено признание дека соборила воен транспортен авион, иако нагласи дека нема веродостојни информации за тоа кој се наоѓал во авионот.

Видеото кое се прошири на социјалните мрежи го покажува падот на авионот проследен со експлозија кај селото Јаблоново, 70 километри североисточно од градот Белгород, околу 11 часот по локално време. Регионалниот гувернер на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека авионот се урнал во поле во близина на станбена зона, при што загинале сите во авионот.