ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада ги предлага Тошковски во МВР и Велковски во труд и социјала

Тимчо Муцински, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада го предлага адвокатот Панче Тошковски, соопшти вечерва потпретседателот на партијата, Тимчо Муцински. За министер за труд и социјална политика ВМРО-ДПМНЕ го предлага Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.

Според законот за техничка влада освен двајца министри, за внатрешни и за труд, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи и тројца заменици министри – за финансии, за администрација и за земјоделство.

ВМРО-ДПМНЕ го предлага Стефан Андоновски за местото во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова за во Финансии.

Муцунски ги соопшти предлозите за во техничката влада по одржувањето на состанокот на Извршниот комитет.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ја гласа техничката влада со Талат Џафери како технички премиер, во која ќе имаат свои технички министри. Пратениците ќе бидат во собраниската сала, но ќе се воздржат од гласање.

Заменик претседателката на владејачкиот СДСМ, Сања Лукаревска, изјави дека е политички парадокс е да се предложат министри, а да не се гласа за техничката влада.

Видете и ова: Ковачевски брои денови како премиер – кои се процедурите за преодна влада?

„ВМРО - ДПМНЕ мора да научи она што значи законска обврски, дека законски одредби треба да се почитуваат. Не би сакала пак да зборувам со флоскули, меѓутоа ако некој понуди свои министри, заземе соодветни ресорси, а не гласа за тие истите тогаш каде е оправданоста?, изјави Лукаревска за ТВ Сител.

Првата техничка влада во 2016, кога власта ја имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, беше избрана без поддршка од тогаш опозицискиот СДСМ. Ковачевски, како актуелен лидер на социјалдемократите вчера рече оти тогаш биле други условите и Собранието било злоупотребувано од страна на власта.

Техничката влада беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјата.

Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да биде технички премиер денеска на брифинг со новинарите порача дека Владата ќе биде во склоп на Уставот и законите. Дел од неа ќе биде и опозицијата.

„Ако има предлози, ќе бидат“, дециден е Џафери за тоа дали во неа ќе бидат и двајца министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Техничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по тие на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година.

Гласањето за техничка влада во парламентот се очекува да се случи в недела (28 јануари) кога истекнува законскиот рок од 100 дена пред парламентарните избори да се избере нова преодна влада.
На 25 јануари, пак, оставки треба да поднесат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Џафери.