Азербејџан на 24 јануари соопшти дека ја прекинува соработката со Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) поради влошените односи со Брисел.
Во соопштението, делегацијата на Азербејџан во ПССЕ вели дека законодавното тело со седиште во Стразбур „се користи како платформа за таргетирање на некои земји-членки“.
Одлуката дојде два дена откако Германецот Франк Швабе ги оспори акредитивните писма на азербејџанската делегација на денот на отворањето на зимската сесија на ПССЕ во 2024 година.
Швабе конкретно изрази загриженост за статусот на политичките затвореници во Азербејџан и го наведе „насилното раселување на луѓето“ од Нагорно-Карабах по повторното заземање од страна на Азербејџан на регионот доминиран од етнички Ерменци. Повеќе од 100.000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах откако Азербејџан повторно ја зазеде територијата во септември 2023 година.
Германскиот претставник, исто така, истакна дека известувачите на ПССЕ не биле во можност да го посетат Азербејџан во најмалку три наврати во 2023 година.
Азербејџанската делегација се пожали во својата изјава дека „суштинските принципи на ПССЕ се искористени од одредени пристрасни групи за да ги унапредат своите тесни интереси“. Понатаму се наведува дека „политичката корупција, дискриминацијата, етничката и верската омраза, двојните стандарди, ароганцијата, шовинизмот станаа преовладувачка практика во ПССЕ“.
Делегацијата ја обвини ПССЕ дека покажува „азербејџанофобија и исламофобија“, создавајќи, како што рече, „неподнослива атмосфера“ за која рече дека придонела за одлуката на Баку „да го прекине својот ангажман и присуство во ПССЕ до понатамошно известување“.
Видете и ова: Лидерот на сепаратистите во Нагорно-Карабах изјави дека декретот за распуштање не е валиден
Одлуката на Азербејџан да го напушти ПССЕ доаѓа во време на растечки тензии со Европската унија, бидејќи Баку го обвинува Брисел за „пристрасност“ кон Ереван додека Ерменија и Азербејџан се обидуваат да ги нормализираат односите.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 10 јануари го отфрли предлогот на Ерменија да се користат мапи од советската ера нацртани во 1970-тите за да се разграничат границите, тврдејќи дека азербејџанските територии и биле предадени на Ерменија од советските власти.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на 22 јануари ги критикуваше „територијалните претензии“ на Алиев и предупреди дека ќе има „тешки последици“ доколку се наруши територијалниот интегритет на Ерменија.
Следниот ден, Министерството за надворешни работи на Азербејџан рече дека коментарите на Борел претставуваат „еклатантно погрешно толкување на фактите“ и го обвини главниот дипломат на ЕУ за вклучување во „заканувачка реторика“.