Најмалку девет лица загинаа во напад врз центар за обука на агенцијата на ОН во Газа

Работник на ОН подготвува хуманитарна помош.

Израелската армија истрела две гранати врз Центарот за обука на Агенцијата за хуманитарни прашања на ОН (УНРВА) во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа девет лица, а повеќе од 70 беа повредени, објави директорот на агенцијата.

Во овој центар се наоѓаат околу 800 раселени лица, изјави Томас Вајт.

Тимовите на УНРВА и Светската здравствена организација (СЗО) се обидуваат да стигнат до зградата, но се спречени да го сторат тоа од насип од земја, иако рутата е договорена со израелската армија, рече Вајт во објавата на социјалната мрежа „X“.

На веб-страницата на УНРВА е наведено дека до 14 јануари загинале 151 работник на таа агенција, од кои четворица се здравствени работници.

Регионалниот директор на СЗО за источен Медитеран Ахмед Ал-Мандари во средата изјави дека ситуацијата во Појасот Газа е „катастрофална“, а бројот на работници во здравствените установи е „намален на пет проценти“.

„Нападите врз здравствените установи претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право“, посочи тој.

Израелските сили продолжија да го напаѓаат градот Кан Јунис со тенкови и беспилотни летала.

Портпаролката на израелската влада ги отфрли медиумските извештаи за можен нов договор со Хамас со посредство, кој ќе доведе до прекин на борбите во замена за ослободување на затворениците.

Видете и ова: Американски претставник на разговори во Каиро за ослободување на заложниците во Газа

„Израел нема да се откаже од уништувањето на Хамас, враќањето на сите заложници и нема да има безбедносна закана за Израел од Газа“, изјави за новинарите портпаролката Илана Стајн.

„Нема да има прекин на огнот. Претходно имаше паузи за хуманитарни цели. Хамас го прекрши тој договор“, рече таа.

Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое управува Хамас, во средата соопшти дека бројот на убиени на палестинска територија од почетокот на војната меѓу Израел и милитантната организација достигна 25.700, главно жени, деца и малолетници. пренесува Агенцијата Франс прес.

Лекарите во јужниот дел на Газа велат дека стотици пациенти и илјадници раселени луѓе не можеле да ја напуштат главната болница во Кан Јунис поради тешките борби на 24 јануари.

Илјадници луѓе побрзаа да избегаат од Кан Јунис, вториот по големина град во Газа, во последните денови. ОН соопштија дека околу 1,5 милиони луѓе, околу две третини од населението на Газа, се сместени во засолништа и шатори во и околу Рафа, кој е на границата со Египет.