Наместо четиривалентна, како досега, во Северна Македонија од пролетва ќе стане достапна деветвалентна вакцина, која штити од седум типови на хуман-папилома вирусот(ХПВ), кој е главен предизвикувач на канцер на грло на матка кај жените.
Препорака е да се вакцинираат и момчињата за да се создаде „имунитет на стадо“ и да се спречи ширењето на вирусот, рече Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, на вчерашната прес-конференција по повод одбележувањето на неделата на превенција за канцер од грлото на матката (22 - 28 јануари).
Вакцинацијата и редовното тестирање се сметаат за главни превентивни мерки кои можат да го намалат бројот на заболени од овој вид канцер, кој е втор по застапеност кај жените веднаш зад канцерот на дојка.
Видете и ова: Само 28 отсто од жените се јавуваат на скрининг за гинеколошки карциномиГодишно кај нас има по 20 нови случаи на 100.000 жени. За прифатлива бројка се сметат 2 до 4 новодијагностицирани на 100.000 жени. Или, во Северна Македонија се регистрираат околу 150-160 новодијагностицирани инвазивни карциноми на грло на матка и околу 50-60 смртни случаи како нивна последица.
Опфатот со вакцината против ХПВ во државава е 52 отсто. Оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација и девојчињата од 12 до 19 години ја примаат бесплатно во вакциналните пунктови.
Гинекологот д-р Глигор Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, ги повика сите жени над 25 години да прават редовни ХПВ тестови и да се вакцинираат.
„Во последните декади, се покажа дека ХПВ тестот треба да дојде како примарен тест оти во клиничката пракса се покажува дека ПАП-тестот знае да даде и лажни резултати, па имаме 22-годишни девојки со радикални операции“, рече Димитров.
Видете и ова: Д-р Игор Алуловски: Со низок опфат на вакцинација не може да говориме за намалување на заболувања од ХПВХПВ тестирањето се препорачува наместо сегашната пракса за ПАП-тест, затоа што има поголема сензитивност и поголема ефикасност. Ако класичен ПАП-тест има сензитивност од 63-70 отсто, ХПВ тестовите имаат сензитивност од 90-95 отсто.
„Во 2018 година, национален примарен ХПВ тест имаа Турција и Холандија. Потоа го воведоа голем број европски држави. И ние веќе би требало да преминеме на ХПВ базиран скриниг кај нашата популација. Гледајќи ги последиците, два ХПВ теста се поевтини од еден ПАП тест“, рече д-р Рубенс Јовановски, претседател на Здружението за патологија.
Д-р Виолета Клисарова, претседателка на Здружението за радиологија и онкологија, рече дека за поуспешен третман на заболените, најважно е да се „фати“ болеста во рана фаза, при што лекувањето може да биде и целосно успешно.
„Болеста ги погодува жените од 40 до 45 години. Но нашата пракса покажува дека заболуваат и млади жени, во репродуктивен период, на околу 35 години. Цервикалниот е еден од ретките канцери кој сам се „најавува“. Преканцерозните лезии можат лесно, едноставно и брзо да бидат откриени преку тестирање и потоа успешно да ги третираме“, рече Клисарова.
Видете и ова: Отпорот кон ХПВ вакцини поголем од стравот од рак на маткаСеверна Македонија е меѓу првите земји на Балканот што ја воведе вакцината, во 2008 година. Таа е вакцина со најмал опфат, а тоа според лекарите е поради дезинформации и стереотипи дека влијае на репродуктивната способност на жените.
Вакцината против ХПВ вирусот постои повеќе од 20 години. Во 156 земји во светот е внесена во редовниот календар за имунизација. Високоразвиение земји како Австралија, Велика Британија, Скандинавија, веќе одат со тенденција со зголемување на опфатот и вакцинирање на цели генерации.
ХПВ вирусот најчесто ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човековото тело и подеднакво ги погодува и мажите и жените. Најчесто ги засега младите лица веднаш по стапување во сексуални односи.