Поранешниот претседател на Иран Хасан Рохани е дисквалификуван да се кандидира на претстојните избори за Собранието на експерти. Тоа е свештено тело чии задачи вклучуваат назначување и теоретски смена на врховниот лидер.
Одлуката за забрана на Рохани ја донесе Советот на чувари, иранското тврдокорно тело за проверка и уставен надзор чии членови се директно и индиректно назначени од врховниот водач Али Хамнеи.
Кабинетот на Рохани ја објави одлуката на 24 јануари во куса изјава без коментар.
За да се квалификуваат да учествуваат на големите избори во Иран, кандидатите мора прво да бидат проверени и одобрени од Советот на чувари.
Собранието на експерти е совет од 88 свештени лица чии членови се избираат од страна на јавноста на секои осум години.
Рохани, кој беше претседател меѓу 2013 и 2021 година, континуирано е во Собранието на експерти од 2000 година.
Видете и ова: Хјуман рајтс воч: 11 луѓе се во ризик од егзекуција во ИранПоранешниот претседател долго време беше мета на критики на тврдокорните, кои го обвинуваат дека ги игнорира националните интереси во неговите обиди да ги подобри односите на Иран со Западот.
Откако Хамнеи стана врховен лидер на Иран во 1989 година, секој претседател по завршувањето на функцијата остануваше настрана.
Веста за дисквалификацијата на Рохани доаѓа еден ден откако конзервативниот пратеник Насрола Пеџманфар ги обнови критиките на тврдокорните за пристапот на Рохани кон Соединетите Американски Држави. Тој дури се закани дека ќе ги разоткрие, како што ги нарече, „мрачните досиеја“ на поранешниот претседател, без да даде повеќе детали.
Изборот на Собрание на експерти ќе се одржи истовремено со парламентарните избори на 1 март.