Орбан до Столтенберг - Унгарија го поддржува членството на Шведска во НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбергм се ракува со унгарскиот премиер Виктор Орбан, пред самитот на лидерите на НАТО во Вилнус, Литванија на 11 јули 2023 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Х“ објави дека во телефонски разговор му рекол на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека унгарската влада го поддржува членството на Шведска во Алијансата.

„Потврдив дека унгарската влада го поддржува членството на Шведска во НАТО“, најави Орбан.

Орбан вели дека му рекол на Столтенберг дека ќе продолжи да го повикува парламентот во Будимпешта да гласа за влез на Шведска во НАТО и да ја заврши ратификацијата во првата можна прилика.

Столтенберг по телефонскиот разговор рече дека Орбан и неговата влада јасно го поддржуваат членството на Шведска во НАТО.

Видете и ова: Турскиот парламент се очекува да ја одобри канидатурата на Шведска за НАТО

„Со нетрпение очекувам да се ратификува веднаш штом парламентот повторно ќе се состане“, објави Столтенберг на „X“.

Турскиот парламент во вторникот го одобри членството на Шведска во Алијансата, оставајќи ја Унгарија како единствена членка која сè уште не го ратификувала пристапувањето на Шведска во воената алијанса.

Во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, Шведска и Финска ја напуштија својата повеќедецениска политика на воена неутралност и аплицираа за членство во НАТО.
Во меѓувреме, Финска стана членка, но Шведска беше запрена на својот пат од Унгарија и Турција.