Министерот за здравство Фатмир Меџити на 24 јануари изјави дека радиологија е една од најпроблематичните точки во здравството, но, како што вели, работат на решавање на проблемите. Вчера Државниот завод за ревизија објави извештај во кој стои дека иако е зголемен бројот на апарати за магнетна резонанца од 2017 до 2022, бројот на прегледи не се зголемил. Во 2017 имало седум апарати, а во 2022 - 14.
Министерот вели дека за извештајот бил известен уште пред две недели кога државниот ревизор бил кај него во кабинет и кога потпишале меморандум за да нема повеќе пропусти и злоупотреби.
„Јас кажав и тогаш и сега повторувам овие проблеми ние нема да ги решаваме преку ноќ, но макотрпно работиме за да се решаваат“, рече Меџити.
Тој вели дека има недостиг на радиолози и друг кадар на Клиниката за Радиологија во Клиничката болница Мајка Тереза во Скопје, и дека работат на решавање на проблемот.
„Знаете радиолог не може да создадете преку ноќ и еден месец, тие се специјализации кои траат подолго, но затоа целта на овој процес кој ние како министерство веќе го водиме и мислам дека за кратко време ќе имаме и конкретен резултат и ќе бидете известени како ќе постапиме понатаму. Дека има пропусти и злоупотреби има, јас првиот кажав дека здравството е во тешка состојба, но вие сте сведоци и целата јавност и сите пациенти дека ние ја дисперзиравме целата апаратура низ целата држава“, рече министерот.
Видете и ова: Ќе донесе ли пандемијата со ковид 19, епидемија на болни од рак?Во извештајот на Државниот ревизор се наведува дека годишно во земјата има околу 2.800 услуги по апарат, што е под просекот на европските држави каде има од четири до девет илјади снимања годишно по апарат. Во Битола најмногу се користат апаратите за магнетна резонанца, а во Тетово најмалку. Доенчиња и мали деца може да се снимаат на магнета резонаца само во две јавни здравствени установи каде има обучен кадар за снимање.