Глобалната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) соопшти дека најмалку 11 затвореници во Иран се во „непосредна опасност“ од егзекуција, од кои повеќето се Курди.
Во соопштението од 23 јануари, организацијата за заштита на човековите права истакна дека сите 11 биле осудени на смрт поради политички или безбедносни обвиненија, кои „според меѓународното право никогаш не треба да резултира со смртна казна, тешко кршење на правото на живот“.
Некои од затворениците беа осудени за „корупција на земјата“ и за мохаребех, што во превод значи „непријателство против Бога“.
ХРВ ја повика меѓународната заедница „да изврши притисок врз Иран да ја прекине употребата на смртната казна за таквите обвиненија“.
Видете и ова: ХРВ за Иран: Алармантен пораст на егзекуциите„Иранските власти се познати по тоа што спроведуваат смртна казна против луѓето по нефер судења за да влеат страв кај населението кое мобилизираше протести низ целата земја повикувајќи на фундаментални реформи“, изјави заменик директор на ХРВ за Блискиот Исток и Северна Африка,Мајкл Пејџ.
Изјавата на ХРВ доаѓа откако Иран ги егзекутира Фархад Салими, етнички Курди, и Мохамад Ќобадлу, демонстрант уапсен за време на антивладиниет протести кои резултираа со немири во 2022 година.
„Бруталната влада на Иран презема особено остар одговор на етничките малцински заедници“, рече Пејџ.
Во соопштението на организацијата е наведено дека иранските власти значително ја зголемиле стапката на егзекуции во 2023 година. Според статистиката која ја водат неколку невлаидни организации за заштита на човековите права во Иран со седиште во странство Исламската република егзекутирала повеќе од 700 затвореници минатата година.
Цитирајќи го извештајот од април 2023 година на Иран за човекови права со седиште во Осло, ХРВ рече дека етничките малцинства биле несразмерно цел на егзекуции. Извештајот покажува дека во 2022 година, егзекуцијата на етничките Курди, Азербејџани и Балучи се зголемила повеќе од двојно во споредба со претходната година.
„Ова го нагласува засиленото таргетирање на малцинските заедници со смртна казна“, се вели во соопштението на Хјуман рајтс воч.