Двојните избори ќе чинат речиси 17 милиони евра

Државна изборна комисија (илустрација)

Двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај државата ќе ја чинат речиси 17 милиони евра, соопшти потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху на денешната 73 седница, на која се изгласаа вкупно 22 точки на дневниот ред.

Шеху на денешната седница образложи дека над шест милиони евра ќе одат за организирање на изборите, со обезбедување на доверлив и недоверлив материјал, транспорт, паричен надоместок за избирачките органи, односно на членовите на општинските изборни комисии, избирачките одбори, додека за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени 656 милиони денари или над 10 614 000 евра.

Таа истакна дека колку финансиски средства побарале, толку им се одобрени за организирање на претседателските и парламентарни избори.

Членовите на Државната изборна комисија на денешната 73 седница сите 21 Предлог одлука или план кои се поврзани со организирање на двојните избори ги донесоа едногласно.

Видете и ова: Како ќе се гласа со отисок од прст на двојни избори?

Во делот на идентификација на гласачите и дали ДИК е подготвена за организирање на двојните избори, таа посочи дека членовите на ДИК и вработените веќе една година се подготвуваат за двојните избори да поминат во фер, демократска атмосфера и да бидат безбедни.

„Идентификацијата на гласачи ќе биде со отпечаток од прст, што беше усвоено и ставено во Законот од 2020 година, но после тоа читав дека во одредени портали сум била јас спомната од одредени политички партии дека претставникот на ДУИ бил да не кажам против, правел проблеми во ДИК и не сакал да има идентификација со отпечаток од прст. Тука сте вие колеги бидејќи на седница не сум го кажала тоа и вие сте свесни и ги слушате сите седници, како што претходно кажав се јавни и да потврдите дали некогаш е разговарано на оваа тема“, вели Шеху.

Таа упати демант до одредени портали кои лиферувале вакви информации.

Изборите на 8 мај, пак, ќе бидат 11 по ред од независноста на државата. Покрај парламентарни, ќе има и претседателски избори – првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Претседателските, ќе бидат седми по ред на кои граѓаните непосредно со гласање ќе го изберат идниот шеф на државата.