Во јануарските сметки за струја нема да има надомест за пристап до мрежа

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

За да се зголеми довербата кај граѓаните и да знаат дека никој не остварува екстра профит во јануарската сметка за потрошена електрична енергија која граѓаните ќе ја добијат во февруари нема да има надомест од 200 денари за пристап до мрежа, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

„РКЕ го прави ова за да ги убедиме сите дека новиот надоместок нема да биде екстра профит за ниту една компанија. Едноставно довербата која што треба да се гради помеѓу потрошувачите од една страна и операторот на дистрибутивниот систем од друга страна мора да ја промовираме и да ја зголемуваме и во таа насока уште еднаш потенцирам дека во јануарските сметки коишто граѓаните ќе ги добиваат во месец февруари ќе го нема надоместокот од 200 денари“, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Видете и ова: Пристапот до мрежа најмногу ќе ги погоди тие што штедат струја

Тој нагласи дека надоместокот е вкалкулиран согласно одлуката на РКЕ.

„Одлуката стапи во сила од 1 јануари. Во самите сметки веќе има потрошувачка која се однесува и на јануари и поради тоа го ставиле, значи не згрешиле, но за да ја зголемиме довербата во јануарската сметка ќе го нема тој надоместок за да знаат граѓаните дека никој не остварува екстра профити и тука да бидеме начисто“, прецизира Бислимоски.

Видете и ова: Струјата не поскапува за првите два блока, но дел од сметките ќе бидат повисоки

Тој појасни дека има четири отчитувачки групи и во секој месец опфаќа и период од еден месец и од тој што следи. Апелираше граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување на броилата.

„До РКЕ во однос на сметките за електрична енергија има стигнато помеѓу 10 и 15 поплаки од граѓани. Ние тие ги водиме како претставки и понатака бараме информација од операторот на електродистрибутивниот систем којшто е должен да ни одговори и врз основа на тие приговори потоа РКЕ носи одлуки. Значи, уште еднаш апелираме граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување. Тоа го имаме воведено пред неколку години. Таа состојба на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки“, порача Бислимоски.

Инаку новата ставка „пристап до мрежа“ ќе ја плаќаат сите без разлика дали трошат струја или не. Разликата е во тоа што тие што трошат струја, плаќаат и мрежарина, а има најави за нејзино намалување, па парите за новата ставка ќе се пребијат со намалувањето на мрежарината и нема многу да се одрази на целата сметка за струја.