Соединетите Држави ја повикуваат Владата на Косово да ја разгледа одлуката за укинување на динарот, за од 1 февруари единствена валута на Косово да биде еврото.
„Загрижени сме дека уредбата усвоена на 27 декември ќе има негативно влијание врз српската заедница во Косово“, изјави за Радио Слободна Европа, портпаролот на американската амбасада во Косово.
Се додава дека Владата на Косово треба да се консултира со заедниците засегнати со оваа одлука и да обезбеди доволно време за спроведување на одлуките за да се ублажи нивното влијание врз граѓаните.
На 17 јануари Централната банка на Косово објави дека од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото. Како што наведоа, ваквата одлука ја донеле врз основа на Уставот на Косово и законот.
Од друга страна, со стапувањето во сила на ваквата одлука, неизвесна е понатамошната исплата на плати, пензии, детски додаток или социјална помош на вработените во српските институции на Косово. Досега овие плаќања од српскиот буџет се вршеа во динари, инаку официјална валута на Србија. Динарот исто така се користел и во трговските објекти во сите српски области на Косово.
Портпаролот на американската амбасада во Косово наведува и дека планот на Ахтисари предвидува Србија да има право да дава финансиска помош за припадниците на српската заедница на Косово.
Планот на Ахтисари е документот врз основа на кој беше прогласена независноста на Косово, а беа изработени Уставот и законите на Косово.
Видете и ова: Од први февруари, еврото единствена валута во Косово„Затоа продолжуваме да го охрабруваме Косово да ја исполни својата обврска во однос на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, се наведува понатаму од Амбасадата на САД во Косово.
Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово беше договорена во рамките на дијалогот Косово-Србија и треба да обезбеди одредено ниво на самоуправување на Србите во Косово.
Врз основа на европскиот статут за формирање на Заедницата, до кој РСЕ имаше пристап, предвидена е финансиска поддршка од Србија, но преку Централната банка на Косово.
Амбасадата на САД во Косово, исто така, соопшти дека на косовските граѓани кои добиваат финансиска помош од Србија им треба пристап до функционален, правен механизам преку кој ќе можат да ја добијат таа поддршка.
„Институциите кои обезбедуваат клучни услуги - како што се образованието и здравството мора да можат да продолжат да работат“, се вели во извештајот.
Видете и ова: ЕУ бара објаснување од Приштина за укинувањето на динаротВицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, претходно изјави дека посебно значење на регулативата на Централната банка на Косово е определувањето на валутата која е дозволена да се користи во сите банкарски и небанкарски трансакции и дека во случајот со Косово е само еврото.
Тој додаде дека оваа уредба „не е производ на политичките преговори во Брисел и како таква не може да влијае на завршувањето на процесот на нормализација на односите меѓу Република Косово и нашиот северен сосед“.
Според него, транспарентноста на увозот на девизи, нивното претворање во евра и трансферот до крајните корисници, не може да влијае на понудата на потенцијалните корисници како и на намалување на нивната куповна моќ.
Од друга страна, Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, објави дека укинувањето на динарот значи „протерување на Србите без употреба на оружје“.