Молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску ја објави својата оставка на брифинг со новинарите во Кишињев на 24 јануари, велејќи дека ја постигнал целта што му ја постави прозападната претседателка Маја Санду да ја приближи Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, до интеграција во Европска Унија.
„Михаи Попсои, заменик-претседател на парламентот и член на владејачката Акција и солидарност (ПАС) на Санду е назначен за наследник на Попеску“, соопшти владата.
Под мандатот на Попеску, Молдавија остро ја осуди руската неиспровоцирана инвазија на Украина и прими десетици илјади украински бегалци.
Молдавија го доби статусот на земја-кандидат за ЕУ во јуни 2022 година, заедно со Украина, а во декември доби зелено светло за почеток на преговорите за членство.
„Успешно ги исполнив целите што ми беа поставени на почетокот на мојот мандат и сега ми треба пауза“, рече Попеску.
Политички неповрзан, тој беше назначен за министер за надворешни работи во август 2021 година, откако Санду го победи актуелниот претседател Игор Додон поддржан од Москва на претседателските избори во ноември 2020 година.
Видете и ова: ЕК предложи отворање преговори за Украина и Молдавија, Грузија доби препорака за кандидатски статусОбразована во САД, Санду цврсто ја насочи Молдавија кон Запад и имаше постојан сојузник во Попеску.
Молдавската дипломатија предводена од Попеску работеше на оддалечување на поранешната советска република од Русија, која сè уште има силно влијание во земјата од 2,6 милиони жители, сместена меѓу членката на ЕУ и НАТО, Романија и воено разурната Украина.
Молдавското Министерство за надворешни работи протера 45 руски дипломати од амбасадата на Москва во Кишињев во август, откако истрагата на медиумите откри дека зградата на амбасадата имала невообичаено голем број на антени инсталирани на нејзиниот покрив за кои постои сомневање дека собирале информации за руските разузнавачки служби.
Попеску работеше на зајакнување на врските со нејзиниот западен сосед Романија, со која Молдавија споделува заедничка историја, етничка припадност и јазик.