САД извршија воздушни напади врз силите поддржани од Иран во Ирак

Лојд Остин, министер за одбрана на САД

Соединетите Држави соопштија дека извршиле напади во Ирак врз три објекти што ги користат силите поддржани од Иран.

„Цел на „пропорционалните“ напади беа „милициската група Катаиб Хезболах и други групи поврзани со Иран“, рече министерот за одбрана Лојд Остин.

Тој рече дека прецизните напади се „директен одговор“ на нападите врз САД и коалициските сојузници во Ирак и Сирија.

Неколку американски воени лица беа повредени во ракетен напад врз воздухопловна база во западен Ирак минатата недела.

Официјалните лица рекоа дека тие се наоѓаат на „проценка за трауматски повреди на мозокот“.

Централната команда на американската војска (Центком) тогаш објави дека силите поддржани од Иран ја гаѓале воздухопловната база Ал Асад, каде што се стационирани американски војници, со балистички ракети и ракети.

Групата која себеси се нарекува Исламски отпор во Ирак ја презеде одговорноста за нападот.

Според американскиот институт Вашингтон за политика на Блискиот Исток, групата се појавила кон крајот на 2023 година и се состои од неколку вооружени групи поврзани со Иран кои дејствуваат во Ирак. Таа ја презеде одговорноста за други напади врз американските сили во последните недели.

Во изјавата, Остин го пофали „професионализмот“ на американскиот воен персонал при планирањето и извршувањето на најновите напади во Ирак како дел од напорите „за дополнително разбивање и деградирање на ИСИС (Исламска држава)“.

Видете и ова: Соединетите Држави ги осудија иранските напади во северен Ирак

Остин нагласи дека тој и американскиот претседател Џо Бајден „нема да се двоумат да ги преземат неопходните мерки“ за одбрана на американските интереси.

„Не бараме ескалација на конфликтот во регионот. Целосно сме подготвени да преземеме дополнителни мерки за заштита на нашиот народ и нашите објекти. Ги повикуваме овие групи и нивните ирански спонзори веднаш да ги прекинат овие напади“, рече тој.

„Овие напади беа насочени кон штабовите (на Катаиб Хезболах), магацините и местата за обука за ракетни и еднонасочни нападни беспилотни летала“, рече Центком.

Американската војска не соопшти детали за тоа каде се наоѓаат целните објекти во Ирак.

Видете и ова: Ирак се подготвува за затворање на мисијата на коалицијата предводена од САД

Саботниот напад врз воздухопловната база Ал Асад уследи по нападот со американско беспилотно летало во Багдад претходно овој месец, во кој беше убиен водач на проиранските сили.

Американските трупи во Ирак и Сирија беа нападнати десетици пати од милитантите поддржани од Иран од почетокот на војната меѓу Израел и Газа во октомври.

Американската војска и нејзините сојузници - вклучително и Велика Британија - исто така интервенираа за да ги запрат ракетните напади на Хутите врз меѓународниот брод во Црвеното Море.