Русија во вторник на 23 јануари категорично ги отфрли обвинувањата дека депортирала украински деца по нејзината инвазија, но во Обединатите Нации (ОН) соопшти дека повеќе од 700.000 се преселиле на нејзина територија.
Украина соопшти дека 20.000 деца биле принудени да се преселат во Русија од избувнувањето на војната во февруари 2022 година. Претседателот Володимир Зеленски ја нарече акцијата „геноцид“.
Комитетот на ОН за правата на детето помина два дена испрашувајќи ја Русија за нејзината евиденција, како дел од редовниот преглед што треба да го поминат сите земји.
Независните експерти од ОН бараа одговори од Русија за наводите за депортација, сакајќи да дознаат колку деца се погодени, каде се испратени, од кого и од кои причини. Украина вели дека само околу 400 деца досега се вратени во татковината.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомневање за сторени воени злосторства во март 2023 година, обвинувајќи го за незаконско депортирање на украински деца.
МКС покрена слични обвиненија и против Марија Лвова-Белова, рускиот претседателски комесар за правата на децата.
Русија не е членка на МКС и инсистира на ставот дека потерницата против Путин е „неважечка“.
„Сместувањата за евакуираните деца се организираат, пред сè, на нивно барање и со нивна согласност“, изјави Русија пред комитетот на ОН во писмен одговор во октомври минатата година.
Видете и ова: Украина бара побрзо враќање на децата депортирани од РусијаИ нејзините претставници одржаа цврста линија во ОН на панел дискусиите на 23 јануари.
„Од февруари 2022 година, оттогаш, Руската Федерација не е вклучена во депортацијата на граѓаните на Украина на територијата на Руската Федерација“, изјави на панелот Алексеј Вовченко, руски заменик министер за труд и социјална заштита