Агелер: Не коментирам предлог закони, поздравувам борба против корупција

Американската амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во Скопје,  Ангела Агелер

Американската амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во Скопје, Ангела Агелер за Радио Слободна Европа вели дека не коментира предлог законски решенија, но ги поздравува и силно поддржува сите напори за истраги на наводните коруптивни криминални активности.

„Ние ги сметаме за одговорни оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист. Јас претпоставувам дека институционални и законодавни реформи кои ќе ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата ќе бидат добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“, вели за Радио Слободна Европа амбасадорката Агелер.

Овој коментар дојде по објавата на власта за предлог за законски измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.

Видете и ова: Се чекаа санкции, се роди предлог закон за црните листи

Иако предлогот за измена на Законот за рестриктивни мерки помина на владина седница и покрај правните дилеми што ги посочи Министерството за правда, прашање е дали ќе има време овој собраниски состав да ги изгласа, оти му остануваат уште два месеци пред да почне кампањата за изборите - парламентарни и претседателски.

Соединетите Американски Држави (САД) минатата година ја апдејтираа црната листа со десетина сегашни и поранешни функционери, бизнисмени и компании. Меѓу актуелните фунцкионери на црната листа се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ. Дополнително на оваа листа се најде и поранешниот вицепремиер за економски прашања и бизнисмени Кочо Анѓушев.

На црната листа се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.