Средби на европски претставници со претставници на властите на БиХ во Сараево

Претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен со членовите на Претседателството на БиХ и премиерот на Холандија, Сараево на 23 јануари 2024

Претседателката на Европската Kомисија Урсулa фон дер Лајен, холандскиот премиер Марк Руте и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 23 јануари ќе се сретнат со официјалните претставници на Босна и Херцеговина.

Иако најавен, хрватскиот премиер утринава не се појави на состанокот во зградата на Претседателството на БиХ.

После тоа, хрватскиот премиер дојде на средба со членовите на Советот на министри на Босна и Херцеговина, предводени од претседавачот Борјана Кришто (Хрватска демократска заедница на Босна и Херцеговина).

Фон дер Лајен, Руте и Пленковиќ се сретнаа и со високиот претставник Кристијан Шмит.

„Реформите и европскиот пат се клучни за стабилноста, функционалноста и развојот на БиХ. Истовремено, важно е да се постигне политички договор за изборните реформи и да се обезбеди еднаквост на трите конститутивни народи“, напиша Пленковиќ по средбата на мрежата Х.

Целта на посетата, како што беше претходно најавено, е да се охрабри раководството на БиХ да преземе дополнителни чекори со цел отворање на пристапните преговори во март оваа година.

Видете и ова: Фон дер Лајен, Руте и Пленковиќ следната недела во Сараево

Предвидена е средба и со членовите на раководството на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, а Фон дер Лајен треба да се сретне и со претставници на невладини организации од Босна и Херцеговина.

Пленковиќ, кој е и претседател на ХДЗ на Хрватска, не се сретна со Претседателството за време на неговите претходни посети на Босна и Херцеговина, бидејќи еден од тројцата членови е Жељко Комшиќ, кој како и претставниците на ХДЗ на Босна и Херцеговина, го смета за „нелегитимен хрватски член бидејќи е избран со мнозинство гласови на Бошњаците“.

Исто така, Комшиќ не беше поканет во официјална посета на Загреб.

Од кабинетот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за агеницијата Хина изјавија дека „хрватскиот премиер останува на својот конзистентен став да не се сретне со Жељко Комшиќ, кој не беше избран за хрватски член на Претседателството по волјата на хрватскиот народ во БиХ“. За Хина беше кажано дека ниту една друга институција на Република Хрватска нема контакт со Комшиќ.

Лидерите на државите и владите на Европската Унија на 14 декември минатата година одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија, а со Босна и Херцеговина само кога ќе бидат исполнети критериумите за членство.

Одлуката на шефовите на држави и влади на ЕУ ја потврди и претседателот на Европскиот Совет, кој ја покани Европската Комисија до март годинава да информира за степенот на усогласеност на БиХ со критериумите, за да се направи таква одлука.

Видете и ова: Нацрт заклучоци на Самитот на ЕУ: Зелено светло за преговори за Украина и Молдавија, БиХ треба да ги исполни критериумите за членство

ЕУ очекува БиХ да ги исполни 14-те приоритети поставени за да може да ги отвори преговорите со Европската Унија. Во декември 2022 година, Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ.

Европската Комисија на 8 ноември минатата година му препорача на Советот на ЕУ отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство во ЕУ.