Неколку луѓе биле убиени и ранети на 23 јануари во новиот бран ракетни напади врз украинските градови, вклучително и главниот град Киев, кога беше прогласена тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.
Во Киев, најмалку една жена е убиена, а уште девет лица, меѓу кои и едно тинејџерско момче, се ранети, изјавија на Телеграм градоначалникот Виталиј Кличко и шефот на градската администрација Роман Попко.
„Три области- Печерск, Свјатошинск и Соломјанск, беа цел на нападот“, рече градоначалникот Кличко.
„Осум лица се хоспитализирани“, напиша Кличко и додаде: „На 13-годишно момче му била укажана лекарска помош на лице место“.
Во Харкив, вториот по големина град во Украина, руски ракети Кх-22 погодија цивилни цели во областите Киев и Салтивка, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов на Телеграм.
Видете и ова: По интензивните руски напади, Зеленски вели дека се подготвени за „повеќе интеракција“ со партнерите„Како резултат на ударите, 28 лица се ранети. Две жени на возраст од 56 и 40 години, за жал, беа убиени“, напиша Синјехубов во објавата која вклучува и фотографии и снимки од целосно уништена катна зграда.
Сергеј Попко, шефот на воената управа на регионот, објави дека системите за противвоздушна одбрана биле ангажирани во одбивањето на рускиот ракетен напад.
Попко изјави дека како резултат на нападот, неколку автомобили се запалиле во киевскиот кварт Свјатошин, западно од центарот на главниот град. Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, на Телеграм објави дека Русија извршила напад и врз тој град.
Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.