Турскиот парламент оваа недела треба да гласа за прием на Шведска во НАТО по повеќе од една година одложување на одлуката, што сериозно ги затегна врските на Анкара со нејзините западни сојузници.
Телевизијата Си-Ен-Ен Турк објави дека гласањето би можело да се одржи веќе во вторник, додека извор за АФП изјави дека тоа би можело да биде во четврток.
Доколку Турција го ратификува влезот на Шведска во НАТО, Унгарија ќе биде последната земја која сè уште не го одобрила.
Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина пред речиси две години.
Видете и ова: Шведска сè поблиску до НАТОМинатиот април Финска стана 31-ва членка на западната воена алијанса.
Членството на Финска приближно ја удвои должината на границата на земјите на НАТО со Русија и значително ја зајакна одбраната на трите мали балтички земји кои се приклучија на алијансата по распадот на Советскиот Сојуз.
Шведска и Финска водеа политика на воено неврзување за време на конфронтацијата меѓу Москва и Вашингтон во Студената војна.
Сепак, руската инвазија на Украина ја предизвика најголемата и најбруталната копнена битка во Европа од Втората светска војна, што ги наруши геополитичките калкулации.
Отпорот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон влезот на Шведска во НАТО го одразува неговиот поизразен став кон Москва отколку другите членки на алијансата.
Турција имаше корист од одржувањето, па дури и од проширувањето на трговијата со Русија, додека истовремено ја снабдува Украина со беспилотни летала и друго оружје.
Ердоган е и еден од западните лидери на членката на НАТО кој одржуваше редовни средби и телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Турските медиуми објавија дека следниот месец Путин би можел да ја оствари својата прва посета на Турција откако Русија започна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Видете и ова: Столтенберг ја повика Унгарија да го ратификува барањето на Шведска за членство во НАТОТурција одби да го ратификува членството на Шведска во НАТО, обвинувајќи ја земјата дека е мека кон групите кои Анкара ги смета за безбедносна закана, вклучително и курдските милитанти и членовите на мрежата што Анкара ги обвинува за неуспешниот пуч во 2016 година.
Шведска одговори со заострување на антитерористичките закони и преземање други безбедносни чекори што ги побара Ердоган.
Комитетот за надворешни работи на турскиот парламент ја одобри кандидатурата на Шведска минатиот месец.
Оттогаш Ердоган постави нови барања, вклучително и барање Вашингтон да го исполни ветувањето за испорака на серија борбени авиони Ф-16. Турскиот претседател минатиот месец разговараше за неговите барања со американскиот претседател Џо Бајден.
Американските власти тврдат дека барањето на Турција би можело да го добие потребното одобрение од Конгресот доколку Шведска се приклучи на НАТО, како што потврди американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Истанбул овој месец.