Кристофер Хил - Најавата за укинување на динарот на Косово е непотребно изненадување

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил - Белград, октомври 2023 година.

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, изјави дека одлуката на Централната банка во Приштина да го укине динарот од косовскиот платен систем е „непотребно изненадување“, дека Соединетите Американски Држави и Европската Унија „внимателно го следат и анализираат развојот на ситуацијата“.

Тој нагласи дека во тек е важна фаза од дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека треба да се избегнуваат изненадувања и теми кои не се од заеднички интерес, јави Радио телевизија на Србија (РТС) на 22 јануари.

Видете и ова: О’Брајан: Србија и Косово да го разработат дијалогот

„Сметаме дека сега најважно е формирањето на Заедницата на општините со српско мнозинство, но и Косово да добие пристап до меѓународните институции. Треба да се фокусираме на тоа и да избегнуваме теми кои не се од заеднички интерес“, рече Кристофер Хил.

Централната банка на Косово (ЦБК) на 17 јануари донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута за вршење готовински и платен промет ќе биде еврото.

Видете и ова: Собрани потписи за смена на градоначалниците на северот на Косово

Во таа уредба се наведува дека таа е донесена во согласност со Уставот на Косово и законот на Централната банка и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените деноминации на евро валутата за оптек на територијата на Косово “.

Досега во српските области на северот на Косово се користеше динарот (РСД), официјалната валута на Србија, а во остатокот од Косово официјална валута беше еврото.