Србија и Косово да го разработат дијалогот, е пораката што помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, ја испрати до српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти од Скопје на 22 јануари.
„Го поддржуваме патоказот кој беше договорен токму во оваа земја во Охрид, минатиот март и веруваме дека двете земји треба да го разработат процесот на дијалог за да го следат тој патоказ“, им одговори О’Брајан на новинарите на прес-конференција во Скопје.
Американскиот помошник-државен секретар беше еден од учесниците на лидерскиот состанок во Скопје посветен на Планот за раст на Западен Балкан презентиран од Европската комисија во ноември лани.
Видете и ова: Балканските лидери во Скопје - Планот за раст како тест за зрелост и соработкаНа состанокот, чиј домаќин беше премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски пристигнаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и премиерите на Албанија, Косово и Црна Гора – Еди Рама, Албин Курти и Милојко Спајиќ.
Лидерите, иако беше најавено, не излегоа на заедничка прес-конференција на крајот на настанот. Неа ја одржаа само премиерот Ковачевски и американскиот помошен-државен секретар О’Брајан.
Вучиќ и Курти, пак, одржаа одвоени средби со новинарите од нивните држави.
Ковачевски рече дека не излегле сите заедно на прес-конференција затоа што дел од лидерите требало да си заминат.
„Прес конференцијата не се одржа во толкав формат со оглед на времетраењето и на тоа дека дел од лидерите требаше да заминат и затоа во исто време си држеа прес-конференции секој за медиумите кои имаа интерес да ги следат нивните изјави. Меѓутоа, вие можевте да видите самите дека состанокот помина во исклучителна позитивна и конструктивна атмосфера – и вчерашната неформална вечера и секако денешниот состанок кој беше пренесуван преку медиумите“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Вучиќ: Се надевам дека новата Влада ќе биде формирана до 15 мартНа денешниот состанок во Скопје посветен на Планот за раст, лидерите од регионот потпишаа заедничка изјава со која обврзаа на развој на нивните држави по европски стандарди.
Планот за раст Европската комисија го презентираше на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.