Советот на град Скопје денеска не донесе одлука за да им се исплатат субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие - ЈСП Скопје, пари со кои требаше да им биде исплатена декемвриската плата на вработените кои од утрово се во штрајк. Од Синдикатот на ЈСП пак по завршување на денешната седница соопштија дека ако ова е денешната конечна одлука на Советот, тогаш градски превоз нема да има ниту во наредните денови.
По денешната седница на Советот која помина во тензична дебата за тоа дали треба да се исплатат субвенциите или не, 22 советници гласаа „за“, воздржани беа 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ, а иако ниту еден не гласаше „против“, сепак Советот не донесе одлука за субвенционирање на претпријатието.
„На 14 ноември 2023 ние имавме 9-та вонредна седница и изгласавме дополнителни 2 милиони евра субвенции за ЈСП, за кои диреткорот рече дека ќе бидат за декемвриските плати. Значи таа одлука е изгласана. Првично дадовме 10 милиони евра за ЈСП, па потоа уште 2 милиони, за да ни биде ветено дека со тие пари ќе бидат исплатени платите до крај на декември. Сега ни кажувате не е така, како успеавте да го доведете претпријатието до овој степен?“, праша од говорницата Филип Јаневски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на ЈСП пак, како и советниците од редовите на СДСМ, укажуваа на тоа дека ЈСП работи со зголемени трошоци во однос на минатото, како и дека во сите извештаи има податоци за нивните расходи и дека овие пари треба итно да бидат одобрени.
Видете и ова: Автобусите на ЈСП ќе возат до 9 часот, вонредната седница на Град Скопје во 11 часот„Ги имате сите табели и увид во трошоците. Услугите се кон Агенција за вработување, за ангажирање стручни луѓе за жичара, тие се тие трошоци. Ако сакате детално, за секој денар три дена ќе ви образложувам“, реплицираше директорот на ЈСП Скопје Крсте Петревски.
Откако заврши седницата на Советот, на прес-конференција за новинарите, претседателот на Синдикатот при ЈСП, Миќо Стојановски рече оти добил информација дека Советот денеска ќе закаже нова, дополнителна седница на која повторно ќе се разгледува истата точка. Но, истакна дека доколку тоа не се случи, автобусите нема да возат.
„Имаме информација дека за еден час отсега ќе се одржи нова дополнителна седница на Советот, но ако нема седница одлуката е дека јавен градски превоз нема да има“, изјави Стојановски.
По седницата, од Град Скопје прстот го вперија кон советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и ги обвинија дека не гласале на денешната седница и со тоа „ги оставиле вработените на ЈСП без плати“.
Видете и ова: Во понеделник Скопје ќе остане без превозот на ЈСП„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да тераат инает со граѓаните. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да ги остават вработените во ЈСП Скопје без плата а граѓаните на градот Скопје без превоз“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Поради неисплатените плати за декември, автобусите на ЈСП Скопје денеска сообраќаа само до 9 часот утрово, а од Синдикатот при ЈСП најавија и дека доколку денеска не се донесе одлука за субвенционирање од страна на советот, автобусите нема да возат ниту утре, односно се додека не им се исплатат заостанатите плати.