Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот изјави дека очекува новата влада на Србија да биде формирана до 15 март.
Во своето обраќање пред новинарите по состанокот Западен Балкан - ЕУ во Скопје, Вучиќ рече дека конститутивната седница на новото свикување на српскиот Парламент може да се очекува од 1 февруари.
„Мораме брзо да реагираме и да донесеме бројни законски норми поврзани со (меѓународната изложба) ЕКСПО и планот што го претставивме пред два дена. Ова е од клучно значење за нас“, рече Вучиќ.
Запрашан за барањата на опозицијата да испрати меѓународна набљудувачка мисија во Србија поради обвинувањата за изборни нерегуларности, Вучиќ повтори дека изборите одржани на 17 декември биле „најчистите и со најмалку поплаки“ од обновувањето на повеќепартискиот систем.
„Србија е суверена земја и ова беа најчистите избори од постоењето на повеќепартискиот систем и со најмалку поплаки. А што се однесува до подобрувањето на изборниот процес, јас сум секогаш подготвен да разговарам за тоа“, изјави Вучиќ.
Видете и ова: Дел од опозицијата во Србија и во 2024 ги продолжи протестите за поништување на изборитеВонредните парламентарни, локални и покраински избори во Србија се одржаа на 17 декември. На изборите за Националното собрание, владејачката Српска напредна партија (СНС) постигна убедлива победа. Листата на прогресивците победи и на изборите во главниот град на Србија, Белград.
Меѓутоа, меѓународните и домашните набљудувачи оценија дека изборите ги одбележале бројни нерегуларности.
Видете и ова: Српското обвинителство отвори предмет за „фантомските гласачи“ во БелградВо Прелиминарниот извештај што го објави ОДИХР, меѓу другото, се наведува дека изборниот ден поминал мирно, но и дека „беше нарушен со изолирани случаи на насилство, процедурални нерегуларности и чести тврдења дека гласачите се организирани да бидат превезени од автобуси со цел да ја поддржат владејачката партија на локалните избори.“
Набљудувачката мисија ЦРТА од Белград соопшти дека на денот на изборите во Србија имало организирано носење гласачи во главниот град, што влијаело на исходот на изборите во Белград.