Бербок: ЕУ мора да работи на принципот „две држави“ за надминување на израелско-палестинскиот конфликт

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на денешната средба во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ истакна дека Унијата мора да работи на принципот „две држави“ за надминување на израелско-палестинскиот конфликт.

Таа истакна дека „две држави“ би обезбедило мирен соживот на израелска и палестинска држава, како и оти „нема друго решение“ за израелско-палестинскиот конфликт.

„Сите оние кои не сакаат ниту да слушнат за такво решение, не понудија никаква алтернатива“, посочи Бербок.

Таа повторно повика на итен „хуманитарен прекин“ на борбите во Појасот Газа.

Видете и ова: Борбите продолжуваат во Газа, Израел го напаѓа Западниот Брег

Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне изрази надеж дека Европската Унија наредните денови ќе воведе санкции за израелските доселеници кои вршат насилство врз Палестинците во Западниот Брег.

Шефот на белгиската дипломатија Хаџа Лабиб пак истакна дека конфликтот нема да биде решен со оружје и оти мора да прекине насилството.

Инаку висок функционер на Хамас во саботата ја отфрли изјавата на Бајден за можноста Израел да се согласи за формирање на палестинска држава.

Нетанјаху вети дека ќе го уништи Хамас и ќе ја демилитаризира Газа откако палестинското милитантно движење го нападна Израел на 7 октомври и се повеќе се спротивставува на притисокот на САД за план кој вклучува некаква форма на палестинска државност.

Според Израел, во нападот на Хамас врз Израел загинале околу 1140 луѓе, главно цивили.