Во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток заврши собирањето потписи за петицијата за смена на градоначалниците Албанци.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдија членовите на Иницијативните групи, кои ја покренаа петицијата врз основа на Административната инструкција на Владата на Косово. Оваа инструкција беше донесена на почетокот на септември минатата година за да се отвори пат за распишување вонредни избори на северот на Косово, откако на власт дојдоа албанските градоначалници бидејќи Србите ги бојкотираа изборите.
Инаку, рокот за собирање потписи за смена на градоначалникот истекува на 22 јануари, а врз основа на Управната инструкција може да се продолжи само еднаш за уште 15 дена.
Дарко Вуксановиќ од Иницијативната група за Звечан за РСЕ изјави дека го собрале потребниот број потписи на првиот ден од покренувањето на петицијата, на 19 јануари.
За неколку дена потписи беа собрани и во други општини, но точната бројка не беше соопштена, но членовите на Иницијативните групи изјавија дека собрале „и повеќе од потребното“.
За да биде успешна петицијата, потребно е да се соберат најмалку 20 отсто потписи од вкупниот број запишани гласачи, односно 1347 потписи во Зубин Поток, 1411 во Звечан, 3640 во Северна Митровица и 2689 во Лепосавиќ.
Следниот чекор е Иницијативните групи да ги достават овие потписи до претседателите на собранијата на општините, кои имаат рок од три дена да ги проследат до Централната изборна комисија (ЦИК) на разгледување и верификација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доколку ЦИК потврди дека собраните потписи се соодветни и ги верификува, се организира гласање за смена на градоначалникот, кое треба да се одржи во рок од 45 дена.
За ова гласање да биде успешно, потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас. После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.
Петицијата за смена на албанските градоначалници ја потпишаа и претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград.
Токму оваа партија лани повика на бојкот на изборите, за да го условува учеството на изборите. Но, во октомври минатата година таа одеднаш објави дека е подготвена да учествува на изборите и повика на нивно организирање.
Ваквиот став на Српската листа дојде откако вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, кога беше убиен еден полицаец. Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.