Неформална средба вечерва во Скопје пред утрешниот состанок на лидерите од регионот

Лидерите од регионот на неформалнасредба во Скопје, Јануари 21, 2024

Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на социјалната мрежа „Facebook“ објави дека во пресрет на утрешниот лидерски состанок во Скопје, посветен на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската Комисија, се сретнал со учесниците на состанокот.

На неформалната средба биле присутни и претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и првиот вицепремир Артан Груби, додека од гостите присуствувале српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, премиерот на Косово Албин Курти, Герт Јан Копман, генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија и Џејмс O’Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.

„Во пријателска атмосфера со лидерите од Западен Балкан ги потврдивме нашите ставови за интеграција на регионот во ЕУ. Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал за носење на храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас - и на Западен Балкан и на Европа, ни се потребни единство и стабилност.

Видете и ова: Лидерите од регионот на средба во Скопје, на состанокот и помошникот државен секретар О’Брајaн

Инаку Планот на ЕУ за Западен Балкан има за цел економски раст на регионот, забрзување на реформите и инвестициите кои можат да го унапредат процесот на проширување на ЕУ со овие земји.

Во ноември, Европската комисија го претстави новиот План за раст за Западен Балкан, кој вклучува шест милијарди евра грантови и заеми за да се забрза социјалното и економското приближување со Европската унија.

Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина имаат статус на земји-кандидати за членство во ЕУ, а најмногу напредуваа Црна Гора и Србија, кои отворија неколку поглавја во пристапните преговори. Косово нема статус на земја кандидат за членство во ЕУ.

Настанот кој требаше да се одржи денеска во Скопје, по повод започнување на мерката за „Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан“, од владината прес-служба информираа дека се одложува до моментот кога целосно ќе се овозможат техничките услови за имплементацијата на мерката во Албанија, Србија и Северна Македонија поединечно.