Лидерите од регионот на средба во Скопје, на состанокот и помошникот државен секретар О’Брајaн

Илустрација

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија, што ќе се одржи утре во Скопје.

Според прес-службата на Владата, на средбата ќе присуствуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Милојко Спаиќ, на Косово Албин Курти, Срѓан Амиџич, актуелен министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државен секретар за Европски и Евроазиски прашања на САД.

Видете и ова: Шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово: Изборите на северот се уште се клучни

Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија О’Брајан, денеска порано пристигна во земјава по повод учеството на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан.

Планот на ЕУ за Западен Балкан има за цел економски раст на регионот, забрзување на реформите и инвестициите кои можат да го унапредат процесот на проширување на ЕУ со овие земји.

Во ноември, Европската комисија го претстави новиот План за раст за Западен Балкан, кој вклучува шест милијарди евра грантови и заеми за да се забрза социјалното и економското приближување со Европската унија.

Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина имаат статус на земји-кандидати за членство во ЕУ, а најмногу напредуваа Црна Гора и Србија, кои отворија неколку поглавја во пристапните преговори. Косово нема статус на земја кандидат за членство во ЕУ.

Видете и ова: Вучиќ и Фон дер Лајен разговараа за пакетот помош од ЕУ

Инаку, настанот кој требаше да се одржи денеска во Скопје, по повод започнување на мерката за „Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан“, од владината прес-служба информираа дека се одложува до моментот кога целосно ќе се овозможат техничките услови за имплементацијата на мерката во Албанија, Србија и Северна Македонија поединечно.

„Во моментов, усогласени се протоколите врзани со условите за слободен пристап до пазарите како и со шемите за електронска идентификација. Врз основа на истите, техничките тимови во секоја земја соодветно преземаат завршни активности. Минатонеделните координации и технички тестирања, иако првично со позитивни исходи, покажаа дека е потребно дополнително време за тестирање и поставување на услугите во системите на трите земји, за истите да станат јавно достапни, за сите граѓани истовремено“, се наведува во соопштението.

Воедно, се посочува дека во најбрз можен рок, а во интерес на граѓаните, трите земји ќе информираат за следните чекори врзани со оваа мерка која, како што се наведува, е една од многуте мерки и проекти кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан, а со кои граѓаните уживаат вистински придобивки и развој.