На 21 јануари најмалку 25 лица загинаа во гранатирање на пазар во предградието на Доњецк, град во Украина под руска окупација, објавија локалните власти.
Исто така, 20 лица се повредени во нападот во предградието Текстилшчик, меѓу кои и две деца, изјави Денис Пушилин, шеф на руските власти во Доњецк.
Тој ја обвини Украина за нападот, нарекувајќи го „страшен“ артилериски напад врз цивилна област.
„Службите за итни случаи продолжуваат да работат на местото на настанот“, рече Пушилин.
Киев не го коментираше нападот во Доњецк и руските тврдења не може да бидат независно проверени.
Видете и ова: ОН бараат 4,2 милијарди долари хуманитарна помош за УкраинцитеОфицијални лица рекоа дека нападот ги погодил југозападните предградија на градот, на помалку од 15 километри од источниот украински фронт.
Доњецк, кој е под окупација на Русија и проруските сепаратистички сили од 2014 година, постојано беше цел на украински напади.
Нападот од неделата е еден од најсмртоносните напади врз Доњецк од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Москва оцени дека станува збор за „варварски терористички напад“.
„Безбедносните закани и терористички акти не треба да се вршат од територијата на Украина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.