Сообраќајката кај Табановце поради возење во спротивен правец на автопат

Илустрација

Сообраќајна несреќа се случи доцна синоќа во близина на граничниот премин Табановце. Во неа учествувале три автомобили од кои еден со српски регистрации. Во несреќата животот го загуби четириесет и деветгодишна жена од Куманово, а тројца се повредени, меѓу кои и пејач од соседна Србија.

Од Mинистерството за внатрешни работи денеска соопштија дека во сообраќајката учествувале патничко возило ‘фолксваген поло’ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б. Т. (24) од Куманово, патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, управувано од В. П. (45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ. Н. (59) од Република Србија.

„Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ. Т. (49) од Куманово, сопатничка во возилото ‘поло’, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово“, се вели во соопштението.

Од тројцата кои се здобиле со телесни повреди, двајца биле задржани во Општата болница во Куманово, додека, пак, едно лице поради сериозноста на повредите било пренесено на скопските клиники. Според обвинителството кое изврши увид на местото на несреќата, најверојатна причина за неа е возење во спротивен правец.

„ Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, “Фолксваген поло” со кумановски и “Фолксваген голф” со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока.
По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил “Опел инсигниа” со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала“ се вели во соопштението од обвинителството.

Видете и ова: Kонтроверзни судски пресуди за сообраќајки со трагичен крај

Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди, велат од обвинителството. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.

Според дел од неофицијалните информации еден од повредените е и српски пејач, добро познат на македонската публика кој се враќал од Гевгелија кон Белград.