САД: Базата во Ирак нападната од милитанти поддржани од Иран

Ирак - воена база Ал Асад

Најмалку десетина проектили биле истрелани во саботата врз воена база во западен Ирак што ја користат коалициските сили предводени од САД, соопштија американски одбранбен извор и ирачката полиција.

Соединетите Држави соопштија дека милитантите поддржани од Иран ја нападнале воздухопловната база, ранувајќи американски и ирачки персонал.

Централната команда на САД соопшти дека милитантите ја нападнале воздухопловната база Ал Асад со „повеќе балистички ракети “. Беше посочено дека во нападот се повредени еден ирачки војник и одреден број американски персонал.

Нападот на воздухопловната база се случи во време на зголемени тензии на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

Видете и ова: Убиени водачите на Иранската револуционерна гарда, тврдат ирански медиуми

Во саботата, пет членови на Иранската револуционерна гарда беа убиени во напад во Дамаск за кој Техеран го обвини Израел, заканувајќи се со одмазда.

Иран во понеделникот навечер изврши смртоносен напад врз автономниот регион Курдистан во северен Ирак, велејќи дека цел бил локација што ја користат „шпиони на ционистичкиот режим (Мосад)“.

Од средината на октомври имаше десетици напади врз американските и коалициските сили во Ирак и Сирија, распоредени во борбата против таканаречената „Исламска држава“.

Повеќето од нападите беа преземени од страна на Исламскиот отпор во Ирак, лабава алијанса на вооружени групи поврзани со Иран, кои се противат на американската поддршка за Израел во војната во Газа.

Вашингтон во неколку наврати започна напади како одговор.

Во Ирак има околу 2.500 американски војници, а во Сирија околу 900.