Пожар избувна на терминалот за природен гас во руското пристаниште Уст-Луга на Балтичкото Море во неделата наутро, на 21 јануари, изјави регионалниот гувернер.
Терминалот, кој се наоѓа на 110 километри западно од Санкт Петербург, во близина на границата со Естонија, е управуван од Новатек, најголемиот независен руски производител на природен гас.
„Нема жртви, а луѓето се евакуирани. Во округот Кингсепски е воведен режим на висока готовност“, објави на Телеграм Александар Дрозденко, гувернерот на Ленинградската област, заедно со кратко видео на кое се гледаат пожарот и чадот .
Како што рече, во гаснењето на пожарот учествувале руското Министерство за вонредни ситуации и локалната противпожарна служба.
Видете и ова: ЕУ е многу помалку зависна од рускиот гас, но сè уште не се откажува од негоЛокалниот функционер Јуриј Запалатски изјави дека пожарот избувнал околу 2:45 часот по локално време.
Новинската агенција ТАСС и другите државни медиуми објавија дека не се знае причината за пожарот.
Руското Министерство за одбрана објави дека украинските напади биле спречени во текот на претходната ноќ, но не спомена никаков инцидент во регионот на Ленинград.
Комплексот Уст-Луга го обработува кондензатот на природен гас во нафта, авионско гориво и компоненти за гориво за бродовите, според веб-страницата на Новатек.
Гасоводот Северен тек 2 што води кон Германија, кој никогаш не беше пуштен во употреба по диверзантскиот напад во септември 2022 година, започнува од градот Уст-Луг.