Северна Кореја на 21 јануари објави дека се согласила на понатамошна стратешка и тактичка соработка со Русија со цел да се воспостави „нов мултиполаризиран меѓународен поредок“.
Двете земји работат на градење обединет фронт пред се поголемите тензии со САД, пишува АП.
Севернокорејското Министерство за надворешни работи исто така соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин ја потврдил својата подготвеност да го посети Пјонгјанг и рече дека тоа би можело да дојде „во блиска иднина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно оваа недела изјави дека Москва се надева дека посетата ќе биде договорена и дека Путин ќе отпатува во Северна Кореја „во догледна иднина“.
На продлабочувањето на врските меѓу Москва и Пјонгјанг од страна се гледа со сомнеж и загриженост.
Се верува дека Северна Кореја ја снабдувала Русија со муниција и балистички ракети кои биле користени во инвазијата на Украина.
И Пјонгјанг и Русија ги отфрлија обвинувањата на Вашингтон и Сеул за пренос на оружје од Северна Кореја во Русија.
Претходно оваа недела, Русија ја потврди својата блиска соработка со Северна Кореја за време на тридневната посета на Москва на министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи.
Видете и ова: Кремљ смета дека без Русија, разговорите во Давос за мир во Украина немаат смислаМинистерството за надворешни работи на Северна Кореја во неделата го осуди Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за свикувањето итен состанок по најновиот балистички тест на земјата.
Севернокорејското министерство соопшти дека пробното пукање на 14 јануари е една од редовните активности на земјата за подобрување на одбранбените способности и дека тоа не претставува закана за нејзините соседи.
Јужна Кореја во четвртокот го повика Советот за безбедност на ОН да го „скрши молкот“ за ескалацијата на севернокорејските ракетни тестови и закани.
Русија и Кина, и двете постојани членки на Советот за безбедност, ги блокираа напорите предводени од Соединетите Држави за заострување на санкциите кон Северна Кореја поради нејзините неодамнешни тестови на оружје, нагласувајќи ги поделбите што се продлабочуваат околу војната на Русија против Украина.