Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие остануваат на ставот дека автобусите на од понеделник нема да сообраќаат, и покрај тоа што е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје. Ова го потенцираа од Синдикатот на ЈСП а причината е поради неисплатената плата за декември.
За можноста во понеделник изутрина да биде пуштен по еден автобус на сите линии, за превоз на учениците, бидејќи стартува второто полугодие од учебната година, од Синдикатот велат дека тоа ќе биде разгледано утре.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски во изјава за МИА нагласува дека тие опстојуваат на својата одлука дека нема да има јавен превоз в понеделник кога е закажана седницата на Советот на Градот, на која како единствена точка на дневен ред, треба да се гласа за субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието.
„Утрото во понеделник во 4:30 часот ниту еден автобус нема да излезе од базите на претпријатието. Ако им беше битно на 45-те советници на Град Скопје да донесат одлука за субвенциите за ЈСП, тоа можеа да го сторат и вчера и денеска. Ние бараме плата за декември и редовна исплата на платите за 2024 година“ дециден е Стојановски.
Видете и ова: Автобусите на ЈСП нема да возат ако нема плата, Арсовска очекува одговорност од Советот на Град СкопјеГрадоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во четвртокот изјави дека очекува одговорност од Советот на Град Скопје, во врска со најавата за прекин на работа на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, поради неисплатената декемвриска плата.
Арсовска рече дека сите одлуки кои што се однесувале на редовното функционирање, поврзани со буџетот на Град Скопје, биле доставени до Советот.
Првиот синдикалец запрашан доколку во понеделник се донесе одлуката за субвенции на седницата на Советот на Град Скопје, дали истиот ден ќе биде воспоставен повторно јавниот превоз, тој посочува дека и доколку се донесе таа одлука, нејасна е процедурата оти не се знае кога ќе биде исплатена плата. Тој потсетува дека одлуката за субенциите на ЈСП досега три пати била на седница на Советот, и три пати била ескивирана.
„Доколку одлуката се донесе во понеделник во разумно време, за парите да можат да легнат на сметката на претпријатието, во вторник ќе има јавен превоз. Во спротивно, автобусите на ЈСП нема да возат ниту во вторник“ вели првиот синдикалец во ЈСП.
Видете и ова: Синдикат на ЈСП: Ако денеска нема плата, утре нема да има автобусиОва не е прв пат во мандатот на Арсовска вработените на ЈСП да штрајкуваат бидејќи претпријатието нема пари за плати. Во октомври 2022 година, главниот град за прв пат во историјата остана без јавен превоз откако шоферите излегоа на штрајк и престанаа да возат оти исто така не им беше исплатена плата.
Во Скопје пола година немаше редовен јавен превоз и поради тоа што не возеа приватните превозни кои се скараа со Арсовска бидејќи и на нив не им исплаќаше пари.
Градоначалничката Данела Арсовска дојде на функција со ветување за бесплатен превоз за сите граѓани и набавка на нови 250 еколошки автобуси.
Законски рок за исплата на декемвриската плата, како што информираа оттаму, е 15 јануари, а следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана за 31 јануари.