Опозициската ВМРО ДПМНЕ ќе предложи предложат министри и заменици министри за техничката влада, но нема да го гласаат техничкиот премиер Талат Џафери. Ова денеска преку соопштение го повтори најголемата опозициска партија од каде велат дека не отстапуваат од ова.
„Остануваме на ставот дека нема да гласаме за составот на Влада, а на СДСМ е дали ќе одбере да ги почитуваат законите или ќе ги крши, со што ги открива намерите за загрозување на изборниот процес“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Формалните подготовки во Собранието за техничката Влада треба да почнат во понеделник, на 22 јануари, а техничката влада се очекува да биде изгласана на 28 јануари. Технички премиер треба да биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, а на негово место треба да дојде актуелниот координар на СДСМ Јован Митревски.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите рече дека местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада. Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата.
Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“ рече Ковачевски.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, засега не ги кажува кандидатите за министри и заменици министриТехничката Влада ќе функционира 100 дена. Согласно договорот од лидерската средба на 4 декември лани, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а на 8 мај треба да има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.