ДУИ нема да ги поддржи предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри во техничката влада

Седиштето на ДУИ во Мала Речица

Пратениците на Демократската унија за интеграција нема да гласаат за предлозите за министри во техничката влада кои ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, пренесува државната новинска агенција МИА.

Оваа одлука на ДУИ доаѓа откако претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер и во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во изјава за медиумите рече дека местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

Видете и ова: Ковачевски, Заев и Ахмети разговарале за ЕУ и настапот на партиите на изборите

Тој го повика идниот мандатар Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.

„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“, рече Ковачевски.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, засега не ги кажува кандидатите за министри и заменици министри

На крајот на идната недела според законските рокови ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада, која треба да биде формирана за десетина дена.

Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, а актуелниот координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски ќе биде претседател на Собранието додека трае техничката влада.